Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, од Вашингтон истакна дека проблемот со Балканот е што многу често сеништето на национализмот се појавува кога тоа никој не го очекува и како пример ја даде Северна Македонија. Во јавната дебата со поранешниот американски амбасадор во Грција Даниел Спекхарт, Мицотакис рече дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што ја обврзува соседната земја.
„Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција го укина ветото по Договорот од Преспа што го потпиша и ратификуваше претходната влада. Јасно ставивме до знаење дека ова е меѓународен договор што ја обврзува земјата. Ние тоа го почитувавме и јас го почитувам. Еден од фундаменталните, ако не и најфундаменталните, аспекти на договорот, беше поврзан со тоа што името Северна Македонија мора да се користи секаде, и внатре и надвор.
За Грција ова е нешто што е многу јасно и не може да се преговара.
Кога слушам дека новата влада внатре во државата, ја нарекува својата земја Република Македонија, имам сериозна загриженост. И ова е тема на која имам намера да се осврнам. Тоа не е конструктивно и не помага на европскиот пат на Северна Македонија“, подвлече грчкиот премиер.