Мицкоски ќе го почитува Преспански со Македонија, Заев ќе го слави со Ципрас

За мене Македонија ќе е секогаш Македонија, а во правните документи се почитува Преспанскиот договор, порача вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новиот тим на „Илинденска“. Тој рече дека ги разбира политичките состојби во Грција, имајќи го предвид предизборниот период поради европските избори, но додаде дека не очекува талибански однос и цензурирање во однос на елементарното човеково право како да се именува сопствената држава. Додека Мицкоски и претседателката Сиљановска-Давкова тврдат дека ќе го почитуваат Договорот од Преспа, но не се откажуваат од правото на самоопределување, поранешните премиери на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, со конференција во Атина, на 17 и 18 јуни, ќе ја прослават шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор  

3114

Идната македонска Влада ќе почитува сè што е дел од Преспанскиот договор, вклучително и делот за името, но за мене, мојата татковина, во секоја моја изјава е и ќе остане Македонија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новиот тим на „Илинденска“. По многуре реакции од официјална Атина, пред се, на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој во преден план ги става правата на Грција со Преспанскиот договор, а заборава на преземените обврски кои неговата земја и по шест години од потпишувањето не ги реализира, Мицкоски потсети дека човеково загарантирано е правото на слобода на изразување и самоопределување. Тој рече дека ги разбира политичките состојби во Грција, имајќи го предвид предизборниот период поради европските избори, но додаде дека не очекува талибански однос и цензурирање во однос на елементарното човеково право како да се именува сопствената држава.

Мојата татковина е Македонија

-Немам намера да се однесувам талибански, но очекувам талибански да не се однесуваат и други политичари. Сè што е дел од Преспанскиот договор, вклучително и делот за името, идната влада ќе го почитува. Впрочем, и решенија за пратеничкиот мандат што ги добивме се со придавката на името. Еве и законскиот предлог што денеска го доставивме е со таа придавка. Но мое човеково право, гарантирано со многу конвенции е правото на слобода на говор и изразувањето. Не им се лутам на политичари кога не го кажуваат целото име на нивната држава. За мене мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија. Целокупната институционална комуникација, која е дел од законите и Уставот, ќе биде почитувана додека се во сила. Не може да барате почитување на законите, а да сте лицемерни и да кажувате други работи. Во моите изјави името ќе биде Македонија, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека тоа ќе го каже и на Самитот на НАТО доколку биде отворено такво прашање.

 -Ќе кажам дека ние сакаме да градиме мостови со јужниот, со источниот, северниот и со западниот сосед и дека ние сме мирољубив народ и дека сакаме соработка и пријателство. Очекувам така да се однесуваат и соседите. Немам намера да се однесувам талибански, ниту пак очекувам талибанско однесување од кој било политичар. Можеме на кој било форум да отвориме дебата кој колку има реализирано од Преспанскиот договор, но сепак не би сакал да го губам времето, туку сакам разговори за инвестиции и развој, изјави Мицкоски.

Откако македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во свечената заклетва на инаугурацијата не ја употреби придавката северна, туку само Македонија, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави можна блокада на евроинтеграцискиот пат доколку новата македонска влада не го почитува новото уставно име на државата.

Шест години од Договорот

И додека новата шефица на државата и мандатарот за состав на Влада тврдат дека ќе го почитуваат Договорот од Преспа, но не се откажуваат од правото на самоопределување, поранешните премиери на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, со конференција во Атина ќе ја прослават шестгодишнината од Преспанскиот договор. „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“ организираат Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, која по повод годишнината од потпишувањето ќе се одржи во Атина, на 17 и 18 јуни.

Покрај Заев, од Македонија на конференцијата планирано е да учествуваат и поранешниот премиер Владо Бучковски, екс-министерот за надворешни работи и потписник на овој договор, Никола Димитров и Венко Филипче, како директор на „Фондацијата Заев“.

Награда за Нимиц

Како што пренесе МИА, планирано е учество на четворица европски комесари, на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, на премиерот на Србија Милош Вучевиќ, на поранешните премиери на Шведска и Грција, Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шолц, на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој заедно со Димитров стави потпис на овој договор во Нивици, како и на градоначалниците на Атина и Истанбул.

-Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ќе се обрати преку видеопорака, во пресрет на доделувањето на „Наградата од Преспа“ за специјалниот претставник на ОН во преговорите, Метју Нимиц, кој исто така ќе биде присутен на конференцијата, за неговиот придонес во Договорот од Преспа, пишува МИА.

Грција, сè уште, шест години по потпишувањето, ги нема ратификувано трите меморандуми за соработка од Преспанскиот договор. (В.С.Н.)