Мицкоски чека на европските лидери да им „легнат“ уставните измени со одложено дејство

17

Се уште правиме анализи, избрзани чекори се лош потег, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање во однос на писмото што беше најавено дека ќе се испрати до ЕУ со предлог-решенија за деблокада на процесот на евроинтеграциите.

-Замолувам за малку трпение. Избрзани чекори се секогаш би рекол лош потег, можеби треба малку да исдигестираат работите за да можеме со ладна глава да отспиеме и да донесеме вистинска одлука. Се е во оптек. Патувам викендов во Австрија, ќе бидам дел од еден настан во Салцбург, потоа ќе имам средби со високи претставници на австриската Влада и австриското општество, претседателот, министерот за надворешни работи. Таму знаете имаше скоро и избори па во тек е формирање на нова влада, ќе видиме како ќе биде со актуелниот премиер, потоа доаѓа претседателката на ЕК, па имаме Европска политичка заедница состанок во Будимпешта на 7 ноември, така што нека се направи една анализа да видиме како сето ова ќе функционира. Ако успееме на овој начин да ја постигнеме целта јас не би брзал со носење, рече Мицкоски.

Претходно, во телевизиско гостување, премиерот рече дека е оптимист во однос на деблокирањето на евроинтегративниот процес и дека сите аргументи се на наша страна. Мицкоски се залага за тоа да се почитува Договорот со Бугарија во кој не стои дека треба да има уставни измени.

– Очекувам темава во периодот што следи да има завршница за да го одблокираме процесот и да почнеме да преговараме. Се поголем е бројот на дипломати во Европа и во светот кои гледаат со симпатија на нашите аргументи, на нашата позиција и на можното решение што ние го предлагаме. Настапуваме со факти и ги браниме интересите. Прашањето е каква волја има, да најдеме решение или не. Зошто да не го почитуваме Договорот за добрососедство? Не протоколот, не предлогот, туку Договорот. Во Договорот со Бугарија не стои дека треба да има уставни измени. Епа, тогаш, ајде да го почитуваме, ние тоа бараме, да го почитуваме Договорот, Договор е или не? Ајде да го почитуваме, порача Мицкоски во гостување на ТВ Сител.

Тој рече и дека од официјална Софија пристигаат збунувачки изјави во однос на тоа дали спорот е мултилатерален или билатерален.  Премеирот е дециден дека додека тој ја предводи Владата, националните интереси ќе бидат одбранети.

И коалициониот партнер во Владата, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски е на иста линија со премиерот дека треба да продолжат дипломатските напори во насока на одблокирање на евроинтеграцијата. Во Само интервју на Канал 5 телевизија, Димитриевски рече дека лично е разочаран од одвојувањето на Албанија од Македонија на патот кон ЕУ, и очекува пораст на евроскептицизмот во државата.

– Мислам дека ако ЕУ не изнајде инстурменти, средства бидејќи ние разговараме на мултилатерално ниво сега за еден билатерален проблем самонаметнат од страна од Бугарија, евроскептицизмот ќе се поткрева во државата. И мислам тоа што суштински се бориме да не дозволиме странско друго влијание во регионот, притоа сметајќи на кинеското и руското, за жал ќе се зголемува и Европа треба да биде свесна за тоа. Затоа сметам дека нашите дипломатски напори треба да продолжат, но притоа со исправена кичма не со свиткана кичма, достоинствено да ги браниме нашите државни национални интереси како македонски народ, македонска држава и интереси на сите граѓани на Македонија, изјави Димитриевски.

Во владината коалиција тој и премиерот делат сличен став за уставни измени со одложено дејство, а во однос на ветувањата на ВЛЕН дека за шест месеци може да почнат преговорите со ЕУ, претседателот на ЗНАМ вели дека тоа се нереални ветувања нагласува дека уставни измени се можни само со одложена примена и ако се добијат гаранции од Брисел за идентитетот и јазикот. Тој не очекува промени во однос на официјалната позицијата на Бугарија по изборите, бидејќи вели тоа е став на бугарското Собрание. Оценува дека решението треба да се бара преку лобирање во ЕУ кај земјите членки и преку Атлантикот.