Мицкоски: Со предлогот што го нудиме за уставните измени, ние сме сигурни дека ќе ја истрчаме трката до крај

50

Со предлогот што го нудиме за уставните измени, сигурни сме дека ќе ја истрчаме трката до крај. Убеден сум дека тоа е максимумот што во моментот можеме да го направиме, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за косовската RTK телевизија.

Во интервјуто дадено за време на неговата посета на Приштина, Мицкоски вели дека сега е поголем оптимист отколку што бил пред една година и дека тоа е резултат на дипломатската офанзива реализирана во изминатите неколку месеци.

– Полека почнува да се појавува светлината, но тоа е затоа што имавме жестока дипломатска офанзива и нашите позиции буквално сите ги знаат и направивме успех. Сега нашата позиција е дајте да разговараме да најдеме решение и сега почнуваме да бараме решение. Ние во оваа трка направивме многу за да дојдеме на стартната линија и сега, да се изразам спортски, треба да трчаме трка со 110 метри со пречки. И ја гледаме првата пречка. Со оваа уставна измена сме во можност само да ја прескокнеме првата пречка, но никој не ни гарантира дека ќе стигнеме до крајот на целната линија. Ние сме подготвени во Парламентот да ја отпочнеме промената на Уставот и амандманите 37 и 38 и тие ќе станат дел од Уставот. Но со уставниот закон ќе додадеме овие два амандмани да станат ефективни кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува Пристапниот договор во ЕУ. Само на тој начин ние сме сигурни дека ќе ја истрчаме трката до крај, нагласува Мицкоски.

Според Мицкоски, за огромен број земји членки, речиси сите, предлогот што го нуди Владата е разумен и е основа за постигнување на договор.

– За ова не треба ништо парламентите да ратификуваат, за ова треба само да се подаде рака и да се почне процесот. Доволно е толку. Често пати се повикуваат на правилото на еден глас во рамките на ЕУ. Ќе ве потсетам дека за време на декемврискиот самит минатата година кога исто така имаше едно прашање околу кое немаше консензус, правилото на еден глас се претвори во правило – недостасува еден човек. Така што јас разбирам дека има двојни стандарди во светската политика и дека човек треба да се бори, но таа борба барем да биде фер, вели Мицкоски.

Вели подобра опција од Европската унија во моментот нема и дека она што како држава го очекуваме е да си го исполнат дадениот збор.

– Тоа што ние го очекуваме е само да си го исполнат зборот, а дадениот збор беше кога се менуваше уставното име дека ќе бидеме членка на НАТО, веднаш ги почнеме преговорите бидејќи сме пред сите во регионот и во рамките на четири-пет години ќе ги завршиме преговорите. Знаете кога завршија тие четири, пет години? Минатата година. Уште колку пати ние треба да се само понижиме, само откажеме за да добиеме нешто како гаранција дека ќе ја завршиме оваа трка, нагласува Мицкоски.

Прашува која е потребата во нашата Преамбула да се внесе дел од бугарската заедница која живее во земјава, а се работи за неколку стотина граѓани, а тоа не се бара од Косово, Албанија или од Србија каде живеат повеќе припадници на бугарската заедница.

– Има ли логика во сето тоа. Дали се човекови права во прашање? Во Европа има суд за човекови права кој 14 пати донел одлуки за македонската заедница во Бугарија дека им се нарушени човековите права, а во Македонија нула. Што значи дека не се човекови права во прашање. Што ќе кажат македонците од другата страна на границата. На нив не им е дозволено да регистрираат невладина организација и не се неколку стотина. Ако тие не можат да регистрираат невладина организација, а ние менуваме Устав, тоа ми е малку нелогично. Тогаш да видиме која е вистинската причина. Ако вие не можете да ја убедите официјална Софија да имплементира барем неколку одлуки од Судот за човекови права, нека изберат тие кои одлуки, како да ги убедите да ни дозволат да ја завршиме трката до крај, како ќе ги убедите да не се сомнеме на четвртата или петтата препрека повторно?, прашува Мицкоски.

Посочува дека никој нема против да напредува во Европската унија според достигнувањата, но дека е друго кога има Преговарачка рамка со Копенхашките критериуми, а друго е кога има Преговарачка рамка со билатерален договор.

– Кога сте жртва на билатерализација, ако сте малку искусен, ќе си го поставите прашањето што ако каменот во чевелот стане толку тежок, да не можам ногата да ја помрднам. Логично е да го отвориме ова прашање, затоа што ако не го отвориме, ќе бидеме неодговорнони кон иднината на државата. Никој нема против да напредува во ЕУ според постигнувањата. Впрочем и самиот скриниг извештај кажува дека 55 проценти од нашата легислатива е усогласена и тука ние немаме проблем. Немаме проблем да добиеме вето затоа што нема владеење на право, корупција, ама ако добиеме вето затоа што во нашите учебници пишува дека Гоце Делчев е Македонец, ако добиеме вето за нешто во средниот век, а никој не е жив за да посведочи што се случило, тогаш е малку неприродно. Ние толку тоа сакаме да го промениме, појаснува Мицкоски.

За Законот за употреба на јазиците и за одредбите од законот коишто се пред Уставниот суд, Мицкоски вели дека никој нема против употребата на албанскиот јазик и дека тоа е тема која е вештачки создадена.

Според Мицкоски, покренувањето на ова прашање од страна на ДУИ не е поради грижа, туку е тема која тие се обидуваат да ја наметнат за да се заштитат себеси.

– Оние кои купуваа трговски центри во Скопје, оние кои имаат милиони евра во возен парк, оние кои не знаат што да прават со парите што ги украдоа, сега се вознемирени и не знаат како да го заштитат капиталот. Гледаат дека правдата е спора, но се доближува и си велат кој е најдобриот начин да се направиме маченици – да свртиме на национални теми и кога ќе дојде полицијата на врата ќе кажат дека тоа им го прави затоа што биле гласни за Законот за јазиците, вели Мицкоски.