Мицкоски по средбата со Коалицијата: Ќе победиме убедливо и да почне поразот на заевизмот

83

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва оствари средба со коалиционите партнери од коалицијата „За подобра Македонија“. По средбата тој посочи дека целата коалиција ја дава поддршката и комплетно застанува позади претседателскиот кандидат, професорката Гордана Силјановска Давкова.

„Ние цврсто веруваме и врз основа на  целокупната онаа навигација која што ја добиваме од терен, врз основа на сите оние мерливи мерења на јавното мислење дека иден претседател на Република Македонија е професорката Гордана Силјановска Давкова.

Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните на Република Македонија, Македонците, Србите, Босанците, Турците, Ромите, Власите и сите останати да ни се придружат и да застанат со нас на 21-ви април масовно да излезат на гласање, да го поддржат кандидатот на Коалицијата „За подобра Македонија“, професорката Гордана Силјановска Давкова да ја подотворат вратата за пораз на заевизмот кој што како ментална матрица во последно време во Република Македонија зафаќа размери. А, на тој начин да се подотвори вратата и за организирање на предвремени парламентарни избори во кои што јас сум цврсто убеден, а и ние како Коалиција „За подобра Македонија“ дека ќе го поразиме и трајно ќе го испратиме на темната страна на историјата заевизмот во Република Македонија.

Ќе ја формираме новата влада и ќе отпочне нова ера за достоинствена, економски преродена, технолошки тигар на Балканот, достоинствена и горда Република Македонија, рече Мицкоски по средбата со коалиционите партнери од коалицијата „За подобра Македонија“.