Мицкоски: Османи е добредојдена, но секој подлежи на безбедносни проверки

Косовската претседателка Вјоса Османи е добредојдена во Македонија, но на скопскиот аеродром се следат јасни и прецизни меѓународни стандарди и процедури кога станува збор за комерцијални летови, истакна премиерот Христијан Мицкоски за инцидентот со косовската претседателка пред неколку дена. На заедничката прес-конференција со косовскиот колега Албин Курти кој беше во посета на земјава, Мицкоски истакна дека и тој како премиер и македонската претседателка се подложни на истите проверки кога патуваат со комерцијални летови и посочи дека и лани на скопскиот аеродром имало два слични инцидента. Сепак, премиерот истакна дека жали за овој настан и дека не би сакал да се повтори и се понуди следниот пат, доколку на време добие информација, тој лично да ја пречека и придружува Османи додека е во Македонија. Мицкоски и Курти се согласни дека официјалниот извештај по истрагата е тој што ќе го расветли целиот случај.

1722

Косовската претседателка Вјоса Османи е добредојдена во Македонија, но на скопскиот аеродром се следат јасни и прецизни меѓународни стандарди и процедури кога станува збор за комерцијални летови, истакна премиерот Христијан Мицкоски за инцидентот со косовската претседателка на аеродромот во Скопје пред неколку дена, кога според информациите, таа одбила безбедносна проверка, а се вмешало и обезбедувањето на собранискиот спикер, Африм Гаши. На заедничката прес-конференција со косовскиот колега Албин Курти кој е во посета на земјава, Мицкоски истакна дека и тој како премиер и македонската претседателка се подложни на истите проверки кога патуваат со комерцијални летови. Сепак, премиерот истакна дека жали за овој настан и дека не би сакал да се повтори и се понуди следниот пат, доколку на време добие информација, тој лично да ја пречека и придружува Османи додека е во Македонија.

– Според информациите кои што го добивме од официјалните лица на аеродромот ТАВ е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови, и дека на ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер, македонската претседателка и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако морам да кажам дека јас не го користам туку го користам делот како и сите граѓани. Но, тоа за нас навистина предизвика едно чувство со кое што жалиме и не сакаме тоа да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена како и сите граѓани на Косово и лично следниот пат доколку ја добијам навремено информацијата ќе ми биде задоволство да ја пречекам како домаќин на аеродромот, и заедно со мене, додека не отпатува од Скопје ја придружувам во времето во кое што таа ќе го помине на скопскиот аеродром, за да избегнеме ваков тип на инциденти. А посебно однесување на поединци, што е наш домашен проблем, ние ќе си го решаваме, изјави премиерот Мицкоски на прес-конферецијата и истакна дека со Курти имале конструктивна средба во пријателска атмосфера, и дека сакаат добрососедските односи, кои се двонасочна улица, да одат во позитивен правец, а не да уназадуваме.

Двајцата премиери се согласни дека официјалниот извештај по истрагата е тој што ќе го расветли целиот случај.

-Има надлежни институции што ќе го расветлат случајот. Што се однесува до лицето кое го предизвикало инцидентот на аеродромот, ако извештајот покаже дека е виновно, тогаш сигурно ќе има одговорност за тоа лице. Додека јас сум премиер, лица над законот нема да има, истакна Мицкоски.

Косовскиот премиер Албин Курти повика да се расветли случајот и додаде дека соодветните органи ќе го направат тоа за никогаш повеќе да не ни се повторат вакви ситуации.

-Настанот на 2 август на Скопскиот аеродром несомнено беше тешко искуство за претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу, која беше со семејството и двете мали ќерки. Органите на Северна Македонија, државниците изразија жалење за случајот и ќе има официјален извештај кој ќе го расветли ова прашање во целост и во детали за да разбереме што точно се случило, но и да не ни се повторат никогаш повеќе вакви ситуации, рече Курти.

Прашан дали останува на оценката дека тоа е провокација кон Косово, Курти рече дека тоа не е официјален став на косовските институции.

-Не знам дека како институции сме имале таков став, може да го кажал некој од граѓаните на Косово, но не и институциите на Република Косово. МНР даде своја изјава што е став на Република Косово, го видовме и ставот со јавна изјава на МНР на Северна Македонија. Верувам дека треба да имаме за цел вистината, а никако тензии. Не можеме јас и Мицкоски да бидеме и цариници и полицајци и инспектори…Верувам дека во однос на суштината на прашањето, одговоривме и мерките се преземаат, посочи Курти.

И Мицкоски и Курти потенцираа дека не се нарушени дипломатските односи, а како што рече македонскиот прмеиер, тие во иднина ќе добијат уште подобра димензија. Претоходно, двајцата премиери се согласија дека Македонија и Косово имаат зголемена трговска размена од околу половина милион евра во 2023 година и дека ќе работат на нејзино зголемување.

– Што се однесува до случајот, ќе повторам дека разликата помеѓу овој случај и претходните два случаи, кои се случиле на скопскиот аеродром, е тоа што сега има јавност. И тоа што има политичари кои што се обидуваат да спечалат ситни политички поени и ќе се обидат да влијаат негативно на односите помеѓу двете Влади. Но нема да успеат. Јас слушав изјави од типот дека некои политичари црвенееле од срам, но претпоставувам дека црвенеат и поради двата слични инцидента кои се случувале и во 2023 година, кога тие беа дел од Владата. Но, сега имаме јавност, а тогаш немаше јавност. Оваа влада е демократска и отворена, а не е како претходната. Уште еднаш ќе кажам дека жалиме за инцидентот, жалиме и што не е прв, што е трет, изјави Мицкоски.

Од СДСМ реагираа дека Мицкоски влегол во улога на полицаец и обезбедувач кој во иднина ќе ja спроведува лично претседателката на Косово Вјоса Османи, да се избегнеле скандали. Оваа изјава е скандал сама по себе, велат од СДСМ.

-Дали ова значи дека во иднина тој лично ќе и гарантира дека не треба да ги помине и почитува пропишаните процедури? Каква е оваа порака на непочитување кон професионалците од МВР и аеродромот кои доследно ги спроведувале процедурите, велат од СДСМ.

На 2 август во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, имало инцидент кога од неа било побарано да го остави телефонот и рачниот багаж за да помине низ скенер. Што навистина се случило на скопскиот аеродром, дали се работи за недоразбирање или обид за избегнување на безбедносните процедури, треба да покаже истрагата, која ја спроведува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Од кабинетот на Османи по настанот објавија дека обезбедувањето на Скопскиот аеродром се обидело да ѝ го земе личниот телефон на претседателката, што според нив  е однесување „спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Операторот на скопскиот меѓународен аеродром ТАВ Македонија, пак, категорично ги отфрли наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка. Оттаму посочуваат дека сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово во петокот упатило протестна нота до Македонија, барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи. Од македонското МНР, пак, соопштија дека „откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки, а со основна цел во иднина да се избегнат вакви или слични појави и ситуации“. (В.С.Н.)