Мицкоски: Ова се моменти кога се одлучува за иднината на македонскиот народ

54

ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа протести со движење на колони возила низ улиците на 11 градови во државата против, како што велат од партијата, криминалот, корупцијата, неправдите, тргувањето со македонскиот идентитет, држава, минато и иднина. Се протестираше во Крива Паланка, Кратово, Свети Николе, Неготино, Струмица, Гевгелија, Струга, Крушево, Кичево, Македонски Брод и Гостивар и се бараше оставка од премиерот Зоран Заев. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќање на фејсбук по одржаните протести за утре најави и протести во главниот град.

-Ова се историски моменти. Ова се моменти кога се одлучува и за иднината на македонскиот народ, македонската нација и македонската држава. Ова се моменти кога се потврдува тезата дека договори потпишани набрзина, не само што не се решение туку напротив самите по себе претставуваат проблем за иднината на Македонија во рамките на ЕУ. Тоа за жал не успеа да го види Зоран Заев и денеска наместо решение истото тоа претставува проблем. Само политички аматер може да потпише договор во кој што критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата. Само политички аматер може во една таква подредена состојба да ја донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација, рече Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните масовно, без разлика на политичката припадност, без разлика на верската и етничката припадност утре, во текот на утрешниот ден да се приклучат на протестите кои, како што рече, се натпартиски, обединувачки и гласно да проговорат против погрешните политики на Владата на СДСМ предводена од премиерот Зоран Заев.

Тој упати извинување до граѓаните за евентуалниот сообраќаен метеж што може да се створи утре, потенцирајќи дека мора да се преземе нешто веднаш, оти, како што истакна, грешките што сега би ги направиле Владата и Зоран Заев не би можеле да ги поправат идните генерации.

А до политичарите, сакам една порака да упатам. Немојте да се дрзнете да го чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебност, македонската историја, традиција, обичаи. Немојте да се дрзнете и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија која што вие ќе ја потпишете е безвредна. Следната Влада која што ќе биде Влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува. Затоа почитувани сограѓани утрешниот ден е денот кога треба да сме масовни и гласно да зборуваме, рече Мицкоски повикувајќи ги граѓаните заедно да застанат во одбрана на македонската иднина и иднината на македонскиот народ.

Извор:МИА