Премиерот Христијан Мицкоски не очекува да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава и покрај најавите од некои европски земји дека очекуваат проблеми во текот на зимава.

– Како ќе доаѓа зимата, така ќе има потреба да се влече енергија од пазарот во Европа, од страна на Украина, бидејќи, за жал, таму, поради руската агресија, целосно е уништен електроенергетскиот систем на државата. Сето ова ќе влијае во насока на зголемување на цените на електричната енергија на берзите – рече Мицкоски.

Тој додаде дека, сепак, не очекува да има некои позначителни потреси на пазарот во земјава.

– Она што го имаме како располагање со ресурс во РЕК „Битола“ и во другите електрани е на нивото очекувано за овој период од годината. За жал, хидрологијата е намалена, некаде околу 22-23 проценти, можеби требаше да биде над 30 во овој период, но таква беше годината – сушна. Ценам дека капацитетите со кои располага државата подготвени ја дочекаа оваа грејна сезона и не очекувам да имаме некои позначителни потреси на пазарот – рече Мицкоски.

Во моментов работат двата блока во РЕК „Битола“, а од втората половина на декември ќе биде вклучен, по потреба, и третиот блок.