ЕУ да го забрза процесот за интеграции и да се заложи за одблокирање на македонскиот пат кон ЕУ, порачал премиерот Христијан Мицкоски на средбата со високата преставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Мицкоски повторно ги објаснил македонските позиции и цели и рекол дека Македонија заслужува да оди напред во интеграциите
-Во Брисел имав средба со заменик Претседателката на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. На средбата разговаравме од потребата ЕУ да го забрза процесот за интеграции и да направи заложба низ добра волја и заедничко разбирање да се одблокира нашиот пат кон ЕУ. Ги објаснив нашите позиции и нашите цели. Македонија заслужува да оди напред во интеграциите, објави премиерот Мицкоски на социјалните мрежи.
Имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, напорите за регионална интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, беа најавени како главни теми на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан на кој учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.
Покрај учеството на Самитот, беа најавени средби на премиерот Мицкоски со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со неговите колеги од Шпанија и Полска, Педро Санчез и Доналд Туск.
Утре, Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.
Во пресрет на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски во саботата изјави дека пораките кои доаѓаат од таму „не се баш така јасни“, но дека нашата порака е јасна оти ние доволно направивме како ниту една држава во ЕУ.
Пред да отпатува за Брисел, Мицкоски во понеделникот изјави дека ќе ги пренесе добро познатите аргументи за македонските евроинтеграции и дека очекува новиот состав на Европската комисија, по средбите на почетокот на овој месец, веќе да има повеќе информации и да се дојде до решение не само за првиот чекор, туку решение што ќе нè однесе до крај. Мицкоски рече дека ЕУ треба да се врати на старите шини и да шири вредности кои ќе се темелат на мерит-системот. Во пресрет на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта порача дека мора да се работи за целосно исполнување на обврските на земјава, кои се предуслов таа формално да ги отвори пристапните преговори.
Пред Самитот, од Европскиот совет најавија дека лидерите на Унијата и на земјите од регионот ќе го искористат состанокот како можност за продолжување на новиот моментум во нивното стратешко партнерство.
Во Предлог-заклучоците на Самитот ЕУ-Западен Балкан, без конкретно да се посочи земјава, се наведува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е со добра волја и со видливи резултати да се спроведуваат меѓународните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Советот за општи работи на Европската унија (ГАК) во заклучоците за проширувањето повтори дека земјава треба да ги спроведе уставните измени и посочува дека откако тоа ќе се случи нема да има дополнителни одлагања на стартот на пристапните преговори за земјава. Советот ги охрабрува сите партии во Собранието на меѓупартиска соработка, со фокус на напредокот во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.