Мицкоски му порача на Ахмети дека ќе заврши како криминалец, Али вели – не сме ангели

285

Додека ја тресат низа скандали, а внатрепартиските превирања се засилуваат, Демократска унија за интеграција се „поднови“ со 14 нови претседатели на ограноци. Со тоа, ДУИ и официјално ги исфрли од игра огнените кои беа на чело на дел од општинските ограноци.

Партијата освен со внатрепартиските несогласувања и фракции, деновиве се занимава со наводите за корупциски скандали, особено по информациите за струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, кој од неодамна се најде на црната листа на Стејт департментот, а против него и неговото најблиско семејство се воведени и санкции.

Скандалите не го заобиколија и врвот на партијата, откако официјално беше обелоденето дека внукот на Али Ахмети – Дрин Ахмети е сопственик на една од компаниите која го купува Бизнис-центарот „Соравија“ во Скопје. Во исто време, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на документи добиени од свиркачи, обелодени и дека синот на Али Ахмети, Шкумбин Ахмети, заедно со двајцата внуци, Дрин и Бесијан Ахмети, влегуваат и во бизнис за изградба на фотоволтаична централа од 60 мегават-часа, која ќе биде во јавно-приватно партнерство со државата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати низа критики на сметка на ДУИ и претседателот Али Ахмети. Му порача дека кариерата ќе ја заврши како обичен криминалец.

„Тој човек, кој себеси се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал, но, за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро. Би го советувал тие малкумина советници околу него, кои на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста, да им ги промени позициите или да престане на овој начин да го вплеткува семејството. Имаше шанса голема, но како што одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса, туку е и пред сопствениот политички крај како обичен криминалец“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Објасни дека во правосудство не може да се верува, алудирајќи и на фотографијата на која шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, е фотографиран со член на семејството на Ахмети. Според него, пораките од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија не проаѓаат во јавноста.

„Таа порака не проаѓа во јавноста, туку граѓаните со индигнација ја отфрлаат. Довербата во партизираните судство и Обвинителство ја кажуваат јавните мерења, а довербата од 0 до 100 е 8 проценти максимум. Тоа е така бидејќи имаме обвинител кој неколку месеци беше избран во ОЈО-ГОКК, гледате како еден човек му стои на глава. Знаете кој е човекот и од кое семејство е. А знаете и кој е актуелен по купопродажбата на онаа зграда во центарот на Скопје. Тоа е семејството на Али Ахмети“, додаде Мицкоски.

Смета дека целта на раководството на ДУИ е да станат милијардери, со пари од граѓаните.

„Раководството на ДУИ не само што ја изгуби својата суштина, туку и жалам што поединци дел од тоа раководство, на крајот од политичката кариера ќе бидат запаметени по криминалот и корупција, но она што е пострашно, преку нивните семејства. Знаете кога семејството ќе го вклучите во политиката, тогаш вие не сте го допреле дното, туку сте отишле подлабоко. Тоа се случува со семејството на дел од раководството на ДУИ. Тие се обидуваат да ја окупираат Македонија и на тој начин да станат милиони. Но тоа е стара амбиција, сега е милијардери да станат. Тие во денари се милијардери на грбот на народот. А им асистира полтронскиот партнер, СДСМ и раководено од ова раководство. И таму има членови кои не сакаат да бидат полтрони“, додаде Мицкоски.

Ахмети во неделата за првпат во јавноста ги коментираше информациите за висока корупција во редовите на партијата.

-Борбата против корупцијата не е лесна, доколку нема одржливо партнерство меѓу политичките партии. Јас сум кажал дека не се сите ангели во ДУИ, но јас имам политички органи, немам јас обвинителски органи. За да биде процесот кредибилен, бараме меѓународната заедница да прати меѓународни експерти за да стане доверлив процесот. Нема ниту амнестија ниту засолниште во ДУИ. Но, додека не е утврдена вина, ние не може да правиме лов на вештерки. И да ги ставиме на гилотина луѓето, туку да се направи истражен процес за сите тие кои има сомнеж дека злоупотребиле“, порача Ахмети по одржувањето на внатрепартиските избори.

Се гласаше за избор на претседатели на ограноци, членови на ограноците, претседатели на локални совети и членови на раководството на локални совети во ограноците: Бутел, Чаир, Дебар, Јегуновце, Кичево, Крушево, Куманово, Липково, Битола, Петровец, Пласница, Преспа, Шутка и Велес.

Со избор на нови претседатели на 14 партиски ограноци, Ахмети и официјално ги исфрли од игра партиските неистомисленици. Поради личните несогласувања со вицепремиерот Артан Груби, Изет Меџитија изгуби можноста да застане на чело на партискиот огранок во Чаир, каде беше претседател подолг период . На негово место доаѓа Беким Незири, поранешен министер и ексдиректор на ПИОМ.

Меџити цени дека внатрепартиските избори во Демократската унија за интеграција, се нестатутарни. Потенцира дека принципот еден член  – еден глас, не постои во Статутот на партијата.

-Со ваквиот начин на организирање внатрепартиски избори, кои подразбираат и формално наше исклучување од партијата, веќе се исцрпени сите можни опции за функционирање внатре во партијата и вистина е дека искреното членство кое не поддржува и кое е во огромен број бараат рефлектирање и делување, при што сите опции се на маса меѓу кои и формирање ново политичко движење“, изјавил Меџити, пренесува порталот „360 степени“.

Освен поранешниот министер во Чаир, во раководството кај интегративците на голема врата се враќа и семејството Асани. Братот на Беќир Асани, Муарем Асани, пишува Фокус, стана прв човек на партискиот огранок во Бутел, откако пред една година беше избран за заменик-директор на Царинската управа.

Беќир Асани, беше дистанциран од партијата откако во 2018 година се случи добро познатиот инцидент, што настана откако пајак-служба, со асистенција на полиција, се обиде да го крене неговиот непрописно паркиран автомобил.

Неистомислениците во ДУИ, организирани како „огнена група“ од 1 април годинава официјално објавија дека ќе дејствуваат како фракција во партијата, обвинувајќи дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки.   (Ј.Ц.Г.)