Мицкоски: За 30 дена нова Влада, неколку големи странски инвестиции и нови работни места

98

Премиерот Христијан Мицкоски ги објави досегашните проекти и инвестиции во првиот месец од новата Влада.

Инвестиција вредна 500 милиони долари влегува во Македонија. Изградба на најголемиот парк во државата и регионот од 55 ветерници – 630 работни места. Нова инвестиција од 20 милиони евра и 110 нови работни места. Над 55 милиони евра за инвестиции и отворање 100 нови работни места во ТИРЗ-зоната. Воспоставување специјална економска соработка со Унгарија. Пет илјади денари линеарно зголемување на пензиите, 250 милиони евра за општините во Македонија, се само дел од проектите што ги наведе премиерот.

Инвестицијата од 500 милиони долари на „Alcazar Energy Partners“ за парк на ветерници е најголемата инвестиција досега во делот на обновливите извори на енергија во регионот. Планирано е инсталирање 55 ветерници, кои ќе произведуваат еден милион мегават-часови, што е 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија. Оваа инвестиција ќе отвори нови 630 вработувања.

Најавени се и нова странска инвестиција од 20 милиони евра и 110 нови работни места на германската компанија ЕПСОТЕК, која, во партнерство со белгиската АИМ, ќе инвестира во Општина Петровец. Ќе има сериозен научноистражувачки центар, кој ќе вработи високообразовен кадар.

Во текот на првиот месец, постигнат е договор за специјална финансиска соработка со Унгарија. Договорот подразбира позајмување од унгарската Влада во износ од половина милијарда евра, пари што ќе бидат вложени за финансиска поддршка на компаниите и за капитални инвестиции во општините.

Овие 500 милиони евра од Унгарија ги добивме под следниве услови: камата од 3,25 проценти, три години грејс-период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.

Половина од овие пари, односно 250 милиони, ќе бидат директна поддршка за економијата под истите услови: 3,25 % камата и вкупно 15 години отплата. Другите 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти во општините.

– Промовирање мир, стабилност и владеење на меѓународното право. Работа, посветеност и енергија за секој еден човек! Македонија се сака со дела – нагласува Мицкоски.