Мицкоски: Во Македонија постои една Академија на науките и уметностите, парите на граѓаните нема да се трошат на невладини организации

242

Во Македонија постои само една Академија на науките и уметностите, како што слушам во медиумите тоа е здружение на граѓани, а јас не би сакал парите на граѓаните да се трошат на невладини организации, изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја средбата на градоначалниците од Вреди со претставници на таканаречената Албанската академија за наука и уметност.  За најавата на градоначалниците на Тетово, Гостивар, Чаир и на Желино, Биљал Касами, Валбон Лимани, Висар Ганиу и Блерим Сејдиу дека ќе даваат општински пари на Албанската академија на науки, Мицкоски беше дециден дека таков буџет советниците од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат.

– Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата и на академиците од другите еднички заедници е дека во Македонија постои една Академија на науките и уметностите. Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации повеќе би сакал да се трошат за нови училишта, градинки, булевари, паркови да креираме услови за младите кои ја напуштија нашата држава да се вратат назад. Тоа се темите за кои сакам да разговарам. За теми кои поларизираат или разделуваат не би сакал да зборувам, рече премиерот и додаде дека не очекува оваа тема да има негативно имплицирање врз коалициските односи во Владата.

-Нашиот став е принципиелен. Етнички и национални теми не се мој приоритет, дециден е Мицкоски.

И лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека е категорично против етнички поделби во науката по идејата за формирање паралелна академија за науки и уметности на Албанците. Тој потенцира дека СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите.

-Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање паралелна нова академија за науки и уметности. Преседан е создавање „етнички чисти” институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици. СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите. Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател, ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството, напиша Филипче на својот фејсбук-профил.

Од СДСМ соопштија дека советниците од оваа партија нема да ги гласаат буџетите во тие општини.

-СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите и со сите расположливи механизми ќе се спротивстави во општините кои најавуваат дека имаат намера да го финансираат овој проект со пари на граѓаните. Општините се на сите граѓани, буџетот е од сите граѓани и треба да биде за сите граѓани, да се инвестира во решавање на проблемите, а не во создавање поделби и тензии. Најавуваме дека советниците на СДСМ во овие општини нема да го поддржат Буџетот за наредната 2025 година. Ги повикуваме и останатите политички партии да се приклучат, особено советниците од ВМРО-ДПМНЕ, рече на прес-конференција пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ.

Од ДУИ, исто така, порачаа дека не се согласуваат со овој принцип на функционирање што го предводи „Вреди“.

– Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде што функционираат партиите на Вреди сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство, изјави Фатон Ахмети од ДУИ.

Ваквите реакции доаѓаат откако владиниот партнер „Вреди“ продолжи со проектот за Албанска академија на науки и уметности и покрај што ниту по првичните најави не наиде на поддршка ниту кај владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, ниту кај ДУИ како опонент во албанскиот блок.

Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Чаир и на Желино, Биљал Касами, Валбон Лимани, Висар Ганиу и Блерим Сејдиу, во понеделникот, во Тетово имаа средба со претставници на таканаречената Албанската академија за наука и уметност. По средбата, од коалицијата Вреди преку соопштение порачаа дека преку овој проект, не создаваат само „нова институција, туку и нова иднина за сите млади интелектуалци Албанци“. По средбата, од „Вреди“ информираа дека првите чекори за финансирање на Академијата веќе се преземени со помош на општините со кои раководат кадри на Вреди, кои го поддржуваат овој проект.

Најавата на коалицијата „Вреди“ за формирање албанска академија на науките и уметностите, паралелна на МАНУ, која на почетокот ќе се финансира општински, а потоа и од државниот буџет, уште летово предизвика многубројни реакции во политичката, академската и во експертската јавност, но не наиде на поддршка ниту кај коалициските партнери, ниту кај ривалите во албанскиот политички блок, ниту кај академиците. (В.С.Н.)