Мицкоски во Брисел: Македонија е уморна од билатерални пречки!

Регионот и Македонија се уморни од држењето настрана и од билатералните пречки на патот кон Европската Унија, порачал македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, на денешниот работен ручек организиран за шестемина лидери на државите од Западен Балкан, од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Мицкоски, кој најави пред заминувањето дека ќе ги брани македонските интереси и дека ќе ја пренесе огромната фрустрација на македонскиот народ поради вештачки наметнатите пречки, уште при првата можност предупредил за заморот во земјава и во регионот поради долготрајното чекање пред портите на Унијата. Првата посета на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Брисел на некој начин беше поткопана од Софија, каде што бугарски политичари бараат оставка од вицепремиерот Александар Николоски, поради неговата изјава по средбата меѓу Радев и Сиљановска-Давкова, дека бугарската страна се однесува нецивилизирано

58

Регионот и Македонија се уморни од држењето настрана и од билатералните пречки на патот кон Европската Унија, порачал македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, на денешниот работен ручек организиран за шестемина лидери на државите од Западен Балкан, од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Мицкоски, кој најави пред заминувањето дека ќе ги брани македонските интереси и дека ќе ја пренесе огромната фрустрација на македонскиот народ поради вештачки наметнатите пречки, уште при првата можност предупредил за заморот во земјава и во регионот поради долготрајното чекање пред портите на Унијата.

-Присуствував на ручекот организиран од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со лидерите на земјите од Западен Балкан. Во фокусот на агендата беше планот за развој на Европската Унија. Подвлеков дека регионот и државата се уморни од ставањето настрана и од пречки што се билатерални, а не се дел од објективните критериуми за пристапување во Унијата и дека мора да се направат поголеми напори за внесување доверба и кредибилност на целиот процес. Ја повторив нашата заложба за остварување на стратешката цел – членство во Унијата и напредок базиран на реални и одржливи критериуми, објави премиерот Мицкоски попладнево на својот профил на Фејсбук.

Првата посета на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Брисел, кој замина во европската престолнина заедно со шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, и министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани, да ги брани македонските национални интереси, на некој начин беше поткопана од Софија, каде што бугарски политичари бараат оставка од вицепремиерот Александар Николоски, поради неговата изјава по средбата меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и неговата македонска колешка, Гордана Сиљановска-Давкова, дека бугарската страна се однесува нецивилизирано.

Кабинетот на Радев и Министерството за надворешни работи во Софија реагираа на, како се наведува, „навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ“ од функционери од Македонија.

– Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на Владата на Република Северна Македонија (РСМ) не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака, во односите со Бугарија, да го напушти полето на провокации и оркестрирани скандали. Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, каква што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и на Република Северна Македонија на 13 септември, очигледно во голема мера вознемири одредени кругови во Владата на Северна Македонија. За „цивилизираноста“ на новата Влада на РСМ допрва ќе се оценува според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе им се спротивстави, како и од способноста да ги почитува меѓународните договори и нејзината вистинска посветеност на имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија (ЕУ). Приклучувањето кон обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати – се наведува во соопштението од Прес-службата на претседателот Румен Радев.

Од бугарското МНР, пак, во реакцијата обвинуваат за неиспровоцирани неевропски реакции од Скопје во кои, како што велат, Софија не сака да учествува.

– Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на функционери од Република Северна Македонија, категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив со добро воспитен тон. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации, кои имаат цел да го нарушат дијалогот. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија – стои во реакцијата на бугарското МНР.

Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, во Собранието побара оставка од македонскиот вицепремиер Николоски. Во спротивно, побара прекин на разговорите со земјава. Борисов побара и извинување од македонска страна и најави дека лично ќе ја информира Европската народна партија во која членува и ВМРО-ДПМНЕ.

– За јазикот што го користат има само едно оправдување – оставка на тој министер. Ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се гледаат и да разговараат со нив. Јавно, пријателски средби со овие луѓе, дури и поврзани со операта, не треба да се прават надвор од официјалните. Мислам дека постапија подло со претседателот, со министрите што се сретнаа со нив. Еве да земеме дека од скоро се во власта, па, можеби, не се запознати со протоколарните работи кога станува збор за официјална и за неофицијална средба. Но, јазикот што го користат е проблем и е потребно извинување – рече Борисов.

Вицепремиерот Александар Николоски остро одговори на ваквите прозивки од бугарските политичари, особено алудирајќи на Борисов. Николоски вели дека во отсуство на одговори за високиот криминал и корупцијата, бугарските политичари се занимаваат со Македонија и ја внесуваат во своето предизборие. Тој смета дека таквите политичари ниту сакаат добрососедство ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија.

– Од мене бараат оставка политичари што се обвинети за криминал и корупција, некои што гледаме на слики како спијат на кревет, покрај прачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете, господа! – пишува Николоски и дополнува дека не се достојни да бараат оставка од него.

Реакциите настанаа откако Николоски, зборувајќи за пречекот на македонската претседателка Сиљановска- Давкова кај бугарскиот претседател Радев без македонско државно знаме, за телевизија „Алфа“ рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги“. (В.С.Н.)