Мицкоски: Безочна лага е дека сум наредил недолични напади за ќерката и сопругата на премиерот Ковачевски

86
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски реагираше на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека тој наредувал недолични напади врз неговата сопруга и ќерка, нарекувајќи ги овие тврдења „безочна лага“.
-Кога човек е слаб, немоќен и кукавица тогаш за да се прикаже жртва го вовлекува своето семејство. Денес на прес конференција Ковачевски ме обвини дека сум наредувал недолични напади врз неговата сопруга и неговата ќерка. Сите кои ме познаваат знаат дека тоа не е моја одлика, станува збор за безочна лага и навистина жалам што политичката комуникација се сведе на толку ниско ниво, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Како што пишува, во интерес на вистината тој го повикува премиерот Ковачевски веднаш до Обвинителството да достави докази и да ги покаже јавно, а доколку тоа е така како што тврди, тогаш Мицкоски веднаш ќе се повлече од политиката.
-Доколку тоа не го стори многумина ќе очекуваат да го тужам и правдата за оваа лоша лага да ја барам на суд…, но тоа нема да го сторам…, овој човек што го вовлекува своето семејство не заслужува такво внимание, поради што и сум и вистински згрозен. Воедно јас нема себе си да се прикажувам за жртва поради тоа што на моето семејство му се доделуваат невкусни ептитети и тоа токму од инсталициите на власта, оние кои управуваат медиуми и тие кои добиваат пари од истите, тоа што се инволвираат членови на моето семејсво во црна кампања, мојата сопруга, мајка, татко, сестра, тоа што се подметнува наводно скриен имот кој не е мој итн, итн. Јас нема да говорам за сето ова, зошто мојата решеност да одам до крај и да се борам за иднината е поголема од секоја нивна слабост и подмолност, наведува Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својот пост на Фејсбук посочува и дека на памет не му паднало семејство да вовлекува во политика.
-А вам две дами Ковачевски, не Ве познавам и сакам од срце да ви се извинам што морате ова да го читате. Имате мој поклон до земја. Со ништо не сум сторил нити ќе сторам да ја повредам вашата чест и достоинство, ниту на памет ми паднало семејства да вовлекувам во дневна политика. Ви посакувам бескрајно многу здравје и сила ова да го издржите. Знам што е да си сопруг и родител и јас за моето семејство ќе сторам се во животот, затоа го почитувам секое друго семејство затоа што знам дека тоа му значи на некого онолку колку моето мене ми значи, а ми значи СЕ на светот, посочува Мицкоски на Фејсбук.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека по директна наредба на Мицкоски се напаѓа неговото семејство, посебно неговите сопруга и малолетна ќерка. За ќерката, Ковачевски рече дека по наредба на Мицкоски биле правени недолични видеа на апликацијата Тикток во периодот кога се усвојуваше францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ во јули минатата година.

-Има една работа што не сум ја кажал. Директно по негова наредба, за мојата малолетна ќерка, во текот на јули минатата година, кога се носеше францускиот предлог, беа правени недолични видеа на апликацијата Тикток и јас за ова од таков нечовек не барам извинување, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

За сопругата, премиерот рече дека била напаѓана за време на собраниската расправа за владината реконструкција.