Мицкоски: Ако протестите станат насилни, државата ќе ги одбрани институциите!

37

Демократската унија за интеграција и лидерот на партијата Али Ахмети полека се навикнуваат да бидат опозиција, оценија денеска премиерот Христијан Мицкоски и неговиот владин партнер од коалицијата Вреди, Арбен Таравари, по прозивките од лидерите на Европскиот фронт до Вреди да им се придружат во Европскиот фронт и заедно да му покажат на премиерот Христијан Мицкоски „каде му е местото“, како и пораката од Али Ахмети дека не е заинтересиран да биде дел од оваа влада, затоа што не е ничија резервна гума. Премиерот Мицкоски изрази жалење што раководството на ДУИ и Али Ахмети ја споредиле својата партија и членовите со гума за спасување, оцени дека полека но сигурно ДУИ се навикнува да биде во опозиција и ѝ посака опозициските денови да ги искористи за реформирање.

-ДУИ полека но сигурно се навикнува како опозициска партија. Жалам што раководството на ДУИ и Али Ахмети ја споредија својата партија и членовите со гума за спасување, очекував поголема креативност. Но, тоа е што е. Им посакувам опозициски денови во коишто ќе се реформираат, ќе можат да го најдат својот програмски идентитет, исто така кадровски да се реформираат со нови свежи кадри па можеби на некои од следните избори ќе се појават со поинаков пристап од оној што го гледавме изминативе повеќе 20 години, пристап во којшто главна цел беше што повеќе да се украде, главна цел беше што повеќе да се направат пакости на граѓаните, истакна Мицкоски.

Во однос на барањето на Ахмети да се спроведе ветинг за сите функционери во последните 30 години, Мицкоски одговори дека тој сметал оти со заминувањето на ДУИ во опозиција ваков тип на хумор и сатира завршиле.

-Јас мислев дека со одењето на ДУИ во опозиција таков тип на сатира и хумор заврши, но тие еве продолжуваат и понатаму. Во ред е, еве ќе слушаме во периодот што следи ваков тип на хумор и сатира па ќе видиме до каде ќе стигнат како политичка партија, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека убавината на демократијата е во различните мислења, како и во можноста за нивно изразување на мирен и демократски начин. Коментирајќи ги најавите од „Европскиот фронт“ за протести во претстојниот период, како и на нивните тврдења дека не се обидуваат да направат дестабилизација, Мицкоски истакна дека доколку тие протести се мирни, сето тоа е во рамки на демократските процеси, но доколку преминат во насилство тогаш надлежните ќе ги одбранат институциите.

-Првичните обиди за дестабилизација очигледно се осуетени и сега поминуваме кон помека реторика – ќе протестираме. Јас сум кажал многу пати во минатото дека демократските и мирни протести се демократска алатка и тука никој нема против. Тоа е нивен избор, избор на група граѓани коишто се незадоволни од нешто и тие ако ја изберат таа алатка тие може да ја користат. Се додека тие се мирни и демократски ние немаме против, тоа е убавината на демократијата, ние да имаме и различни мислења, не можеме да имаме исти мислења за се. Но доколку тие протести од мирни, демократски, преминат во насилство тогаш ние мораме да ги одбраниме институциите што е нормално и е очекувано од една влада. Тука не треба исто така да бидеме изненадени. Така што, ете, ајде периодот којшто следи да видиме како ќе се одвиваат работите па ќе ги коментираме, изјави Мицкоски.

И министерот за здравство Арбен Таравари, коментирајќи го повикот на Села и Ахмети „Вреди“да излезе од Владата и да се приклучи на фронтот, кусо одговори дека лидерот на ДУИ полека се навикнува да биде во опозиција.

-Господинот Ахмети мислам дека полека се навикнува во опозиција. Се надевам дека ќе се навикне уште подобро, така што мислам дека само треба адаптација, ништо друго, рече Таравари.

Лидерите на „Европскиот фронт“ во средата одржаа прес-конференција посветена на стоте дена од работата на Владата, на која најавија протести пред Владата и Собранието кон крајот на овој месец и истакнаа дека немаат намера да ја дестабилизираат државата. Откако со месеци и пред и по изборите бараа да се почитува принципот „победник со победник“ за формирање на Владата, сега излегоа со повик до Вреди да им се придружат во Европскиот фронт и заедно да му покажат на премиерот Христијан Мицкоски „каде му е местото“. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на прес-конференцијата „100 дена скандали, понижувања и неуспеси“, рече дека не се заинтересирани да бидат дел од оваа влада, затоа што не се ничија резервна гума. Ахмети порача дека Албанците и другите заедници не заслужуваат да бидат омаловажувани и презирани и истакна дека Албанците во Македонија се субјекти, а не објекти. (В.С.Н.)