Мицкоски:Северна Македонија е на Заев, но моја татковина и на граѓаните е Република Македонија

74

Додека граѓаните се  собираа пред Собранието , лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, околу 13,30 часот, придружуван од група пратеници излезе од законодавниот дом  и им се обрати на присутните велејќи дека и тој ќе го користи демократското право мирно и достоинствено да протестира и пркоси за сето она што се случуваше денес, но и во следните денови во Собранието.

“Денес е финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство, изјави пред собраниската зграда претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

До промената на Уставот со цел промена на уставното име, како што посочи, се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“ нема да дадат легитимитет за промената на Уставот затоа што, како што додаде, таквите измени немаат легитимитет од граѓаните.

-Цврсто сме убедени дека тие се штетни и оставаат траен белег врз македонското национално достоинство и го менуваат идентитетот, пред се институционалниот, вели Мицкоски.

На референдум, како што истакна Мицкоски, Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот и името, туку тоа го прави на криминален начин преку користење на судските и обвинителските механизми за уцена на пратеници да гласаат.

Останува запишано дека името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани, вели тој и додава дека кај дел од пратениците имаме гласање под уцена, а не гласање по убедување и волја.

Оваа Влада, како што нагласи Мицкоски, го губи легитимитетот затоа што спроведува политика која нема легитимитет од граѓаните.
-Северна Македонија можеби е на Заев и тесните соработници кои преку промена на името сакаат да си ја сочуваат позицијата и привилегиите што тие ги носат, но мојата татковина и на граѓаните е  Република Македонија, онаа за која што мнозинството гласаше на референдум на 8 септември 1991 година. Се нанесува тешка неправда и прават огромна штета и во една ваква ситуација отпорот е она што ни преостанува, рече Мицкоски.и побара како што рече искрено од дно на душа да не подлегнуват на провокации, ниту на измислени информации и конструкции од инфилтрирани полициски структури.