Сакам да им го доближам на читателите на ВЕЧЕР човекот кој целиот свој живот го има посветено на развојот на културата и уметноста во Гевгелија, човекот кој има дадено голем влог во организирањето и во одржувањето на културното живеење на својот роден град, човекот чиј живот бил необичен и различен од другите, човекот кој на дело има покажано во што се состои еден убав и богат живот со смисла. Невозможна мисија е во еден новинарски текст да се вметнат 40-те години на културно-уметничкото дејствување на Митко Мурџев кога во него треба да се споменат театарските претстави направени со Мите Грозданов, првите гитаријади во Македонија, изборот „Најдобар аматерски глас“ заедно со весникот ВЕЧЕР, организирањето гостувања на најголемите југословенски имиња од забавната и од народната музика…

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Гевгелија, можеби, не е најјужниот град во државата, но толку сончевина и топлина, како и гостопримливи домаќини кои ќе ве пречекаат со слатко од смокви и со чаша студена вода, нема да сретнете во ниту еден друг град во Македонија. Гевгелија, можеби, не е толку голем културен центар, но од овие простори произлегле плејада големи културни дејци, почнувајќи од револуционерот Аргир Манасиев, кој во 1909 година го формирал првиот блех-оркестар во Македонија; учителот и публицист Ангел Динев; ликовните уметници од најстарата генерација – Зафир Хаџи Митров и Гисник; писателот Илија Карајанов; големиот хуманист, поет и хавајски гитарист Илија Џаџев, една од нашите најдобри рок-групи – „Зијан“, сè до некогашниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите – Георги Старделов. Но, овој пат сакам да им го доближам на читателите на ВЕЧЕР човекот кој целиот свој живот му го има посветено на развојот на културата и уметноста во Гевгелија, човекот кој има дадено голем влог во организирањето и во одржувањето на културното живеење на својот роден град, човекот чиј живот бил необичен и различен од другите, човекот кој на дело има покажано во што се состои еден убав и богат живот со смисла. Митко Мурџев е еден од таквите ретки луѓе, а разговорот со него го водевме два-три дена во дворот на неговата куќа и морам да признаам дека неговата приказна за културните дејности и настани кои ги организирал и во кои самиот учествувал во текот на повеќе од четири децении од својот живот во родниот град Гевгелија, во Македонија и во странство, ја слушав и ја запишував на десетина страници, со подзината уста и со начулени уши. И сега, кога стојам пред празниот „лист“ на мојот компјутер и се подготвувам да го пренесам до вас сето она што го чув, сето тоа ми изгледа како „невозможна мисија“.

Кој е Митко Мурџев?

Како да ги вметнам во еден новинарски текст 40-те години на културно-уметничкото дејствување на Митко Мурџев, кога во него треба да ги вметнам театарските претстави што ги направил со Мите Грозданов, првите гитаријади во Македонија, ликовната колонија „Дојрана“, поетското списание „Јужен глас“ со Атанас Вангелов, изборот „Најдобар аматерски глас“ заедно со весникот ВЕЧЕР, вокално-инструменталната група „Сиртаки“, двете снимени плочи за „Југотон“ со Наско Џорлев и Живко Дуев, од кои „Возовите што одат“ била продадена во 150.000 примероци, раководењето со  КУД „Јосиф Јосифовски“. Тука се и фолклорните настапи во повеќе земји во Европа, учеството со Илија Џаџев на приредбата во Универзална сала посветена на солидарноста со Палестина и настраданите од земјотресот во Бања Лука, организирањето гостувања на најголемите југословенски имиња од забавната и од народната музика… Но, морам невозможното да го направам возможно, па затоа ќе започнам со тоа кој е Митко Мурџев. Роден е во 1942 г., во населеното место Негорци, Гевгелиско. Основно училиште завршил во Негорци, гимназија во СОУ „Јосиф Јосифовски“. Веќе во гимназијата го привлекувало пишувањето поезија и членувал во литературната секција. Во втора година гимназија, при едно гостување во Велес, се запознал со Атанас Вангелов, кој е роден во Богданци, и успеал низ разговор да го натера наредните две години да доаѓа во Гевгелија. Тука, во 1964, заедно со Дељо Каркалашев и Митко Стамков, го издале првиот број на списанието „Јужен глас“. Учествувале во Лесковац и, како литературна секција, го освоиле првото место. По завршувањето на гимназијата, Мурџев се запишал на Филозофскиот факултет, отсек Книжевност, а цимери во студентскиот дом му биле Атанас Вангелов, Петре Бакевски и Сталин Лозановски, тројка од соништата. Факултетот не го завршил од едноставна причина што го привлекувале мексиканската и грчката музика, па го заменил учењето со пеење и ја формира групата „Сиртаки“, во која, покрај него, членувале и Јанко Узунов, Живко Дуев, Насо Тодоровски, Митко Стоилов и Јанко Стојанов.

Прва македонска гитаријада

Во 1966, Митко и Илија Џаџев отишле за Белград, на Првата југословенска рок-гитаријада, на која победила тогаш популарната група „Силуете“.  Воодушевени од организацијата и од атмосферата, по враќањето во Гевгелија, решиле да направат слична гитаријада и во Македонија. Така, во 1967, се одржала првата гитаријада во Гевгелија, во Народниот театар, каде што победник била групата „Златни стени“ од Валандово, додека наредната 1968, на втората гитаријада, која исто така се одржала во Гевгелија, во салата „Партизан“, победил домашниот состав „Воденички камења“. На овие гитаријади, своите први чекори во музиката ги направиле подоцна популарните Јанко Узунов, Ѓоко Дончев и Сашка Петковска.

Потоа, Мурџев настапувал со групата „Сиртаки“ во Гевгелија и во околните места и во една пригода за нив слушнал тогаш популарниот Наско Џорлев. Тој ги поканил Митко Мурџев и Живко Дуев да му се придружат на неговиот оркестар. Направиле неколку демоснимки, кои Џорлев ги пратил во Загреб. Им се јавиле од „Југотон“ и ги повикале да потпишат договор за снимање две плочи со грчка музика. Митко бил автор на текстовите и вокал, заедно со Дуев, на песни од грчки композитори за кои „Југотон“ имал авторски права. Во Загреб снимале пет дена, а придружни вокали биле Уснија Реџепова и Петранка Костадинова. Плочата каде што била песната „Возовите што одат“ за кратко време станала многу популарна и се продала во тираж од 150.000 примероци. Со Наско Џорлев, во 1969, Мурџев, кого тогаш почнале да го нарекуваат гевгелискиот Теодоракис, дошол на идеја да организира натпревар за најдобар аматерски глас на Македонија и да им се даде шанса за неафирмираните пејачи. Организатори на овој избор наречен „Бараме нови гласови“ биле Работничкиот универзитет од Гевгелија и весникот ВЕЧЕР. Првиот музички карван, кој посетил десетина градови низ Македонија, го имал своето финале на 29 ноември 1969, во Гевгелија. Пејачите аматери ги придружувала групата „Сиртаки“, а за најдобар аматерски глас бил прогласен Ѓоко Дончев. Наредната 1970 се одржал вториот музички карван, на кој за најдобар вокал била прогласена Олгица Андонова. Последниот настап како вокал Мурџев го имал во Универзалната сала во Скопје, во 1970 година, заедно со Илија Џаџев и групата „Сиртаки“ на Неделата посветена на солидарноста со палестинскиот народ и настраданите во земјотресот во Бања Лука.

Средба и соработка со Мите Грозданов

Со оркестарот на Наско Џорлев, во 1970 година, Мурџев се подготвувал да замине на голема југословенска турнеја, но поради тоа што во меѓувреме се вработил во КУД „Јосиф Јосифовски“, ја напуштил групата на Наско Џорлев и ѝ се посветил на својата прва љубов – театарот. Инаку, аматерскиот театар во Гевгелија бил формиран во 1910, иницијатор бил гевгелискиот револуционер и културен деец Аргир Манасиев. Но, според некои податоци, уште во 1905, во куќата на Аргир во селото Сеово, Егејска Македонија, за прв пат на македонски јазик била изведена претставата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински. Во 1925 г. бил реактивиран овој аматерски театар од страна на Сава Павловиќ, тогаш цариник, како и од Рајна Стамова и Ристо Камберов. Претставите се играле во кафеаната „Балкан“, каде што биле изведувани речиси сите дела на Нушиќ, а она што е интересно е фактот што самиот Нушиќ директно ги испраќал своите текстови до овој театар.

По ослободувањето, во 1952, во Гевгелија повторно бил формиран аматерски театар, наречен Околиски народен театар, а во 1955 била изградена репрезентативна зграда на Народниот театар, кога бил формиран и полупрофесионален театарски ансамбл, со што бил остварен долгогодишниот сон на гевгелиските театарски аматери. По иницијатива на Околискиот народен театар, во 1962 било формирано КУД „Јосиф Јосифовски“, со повеќе секции и аматерски театар. Во игра биле две имиња за ова друштво, Аргир Манасиев и Јосиф Јосифовски, но преовладало второто име. Прв претседател бил Бранко Ичоќаев. Во 1964 г., Друштвото ја добило наградата „7 Ноември“ – сребрена плакета. Во ова културно-уметничко друштво, во 1970, дошол Митко Мурџев. Во тоа време, во Гевгелија својот воен рок го отслужувал познатиот актер Мите Грозданов. При една средба, Митко го прашал дали би сакал да помогне при поставувањето на неколку претстави. Мите прифатил и со тоа започнала плодната и успешна работа на аматерскиот театар. Прво била поставена претставата „Црнила“ на Коле Чашуле, со која на аматерските игри во Битола театарот ја освоил втората награда, а глумецот Пене Узунов бил прогласен за најдобар актер. За само две години постоење, аматерскиот театар дал над 60 претстави во Гевгелија и во Републиката. Во 1973 година, гевгелискиот аматерски театар ја добил наградата за најдобар аматерски театар во Македонија, со што се стекнал со право да настапи на Југословенските театарски аматерски игри во Требиње, каде што Мите Грозданов ја добил наградата за иновација и режија за „Трите едночинки“. Во 1977 г., аматерите од Гевгелија ја добиле наградата на „Млад борец“ за претставата „Јама“ од И.Г. Ковачиќ, која ја играле пред полна сала во Драмскиот театар во Скопје. Друштвото долго време било носител и на сите други културни активности во градот, сè до 1995 г., кога пожар ја уништил дотогаш убавата зграда на Народниот театар. Сепак, аматерскиот театар продолжил да работи во Пионерскиот дом – Гевгелија и во киното „Култура“. Својата последна претстава ја имале во 2006 г., кога ја играле „Чија си“ на Сашко Насев.

Гостувања на ју-ѕвезди

Во КУД „Јосиф Јосифовски“ работеле повеќе секции, меѓу кои и фолклорната. Како некогаш аматерскиот театар така и оваа секција ги доживеала своите ѕвездени мигови со тоа што го ширела македонскиот фолклор и надвор од нашите граници, од каде што често се враќала со многубројни награди и признанија. Со ората „Тешкото“, „Биљана“ и „Повардарие“, фолклорната секција на КУД „Јосиф Јосифовски“ настапувала во Грција, Франција, Словенија, Романија, Норвешка, Полска, Холандија. Тие се единственото фолклорно друштво од Македонија кое два пати настапило во грчкиот град Еласона, и тоа еднаш и со познатото оро „Комитско“.

Митко Мурџев е заслужен и за уште еден проект, Меѓународната ликовна колонија „Дојрана“. Првата се одржала во 1993 г., а последната била во 2013 година. Целта на колонијата била да ги зближи уметниците од светот под медитеранското сонце на гевгелиското поднебје. Во тие 10 години постоење, на неа учествувале повеќе од 160 уметници од светот, кои создале над 300 уметнички дела, кои биле изложувани во земјата, но и во Тревизо и Суза во Италија, во Сент Кателијне Вавер во Белгија и во Азбург, Франција.

На крајот, она што беше Џаро за цела Македонија и Југославија, тоа беше токму Митко Мурџев за југоистокот на нашата држава. Тој ги носеше на гостување познатите солисти и групи: Здравко Чолиќ, Кемал Монтено, Тереза Кесовија, „Нови фосили“, Оливер Драгоевиќ, а во една пригода беше организатор на гостувањето на познатиот актер Љуба Тадиќ со монодрамата „За војната, смртта и животот.“ Како признание за сето она што го направил за развојот на културата и уметноста, Градот Гевгелија во 1994 г. му го додели на Мурџев најголемото општинско признание, наградата „7 Ноември“, за врвни резултати во културата.

Ќе завршам со еден цитат на познатиот гевгелиски поет Илија Карајанов: „Уметниците создаваат за да постојат. Тие креираат за да бидат на сончевата страна на вистината. Тие градат мостови меѓу две епохи, меѓу времето сегашно и времето идно. Нивниот дух е вечно буден архипелаг низ меандрите на минливоста и Сизифовата истрајба“.

Јас само ќе додадам, животот на Мурџев е повеќе од прост збир на години и настани што успеав да ви ги презентирам. Тој е несекојдневна личност, со широка душа и со немирен дух, преполн со интересни идеи за творење и преобразување. Му посакувам добро здравје и, конечно, да ја заврши својата монографија.