-Постоењето на македонската држава е факт, македонскиот јазик како литературен јазик е факт, прифатен во светот и признат во највисоките лингвистички и славистички кругови. И од тие причини денеска, ние всушност само треба да се потсетиме на тоа што ни го остави Мисирков како аманет, и само треба да ја продолжиме неговата борба, посочи директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска по повод одбележувањето на 150 години од раѓањето на авторот на книгата „За македонцките работи“

-Крсте Петков Мисирков оставил огромно наследство. Тоа наследство не може да се брои со страниците што ги испишал, затоа што секој збор е извонредно значаен, затоа што Мисирков ни оставил една национална програма, и во книгата „За македонцките работи“, но и со севкупното негово дело. Ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината, како се сака и се почитува мајчиниот јазик, каков однос треба да имаме кон сето она што нè прави нас Македонци, различни од другите, истакна проф. д-р Лилјана Гушевска од Институтот за национална историјa по повод  одбележувањето на 150 години од раѓањето на големиот македонски деец кој ги поставил основите на стандардниот македонски јазик, а е роден на 18 ноември 1874 година, во Постол, Егејска Македонија.

Значајниот јубилеј-150 години од раѓањето на македонскиот лингвист се одбележа со тркалезната маса насловена „Академскиот профил на Крсте Мисирков“, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, во заедничка соработка со Институтот за национална историја, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за македонска литература.

Како што посочи Гушевска, чиј научен интерес примарно е насочен кон проучување на македонското прашање во 19 и во почетокот на 20 век, а особено на јазичното прашање во контекст на македонското национално движење, Мисирков секогаш бил со почит кон другите, да ги почитува културата историјата, идентитетот на другите народи, на другите луѓе.

-Но затоа и барал и нам Македонците да ни се признае правото како одделен народ со свој јазик и свој идентитет, и целиот свој живот тој доследно го работел тоа како македонски интелектуалец. Досега се напишани илјадници страници, и од домашни и од странски истражувачи, и не само што ние Македонците со голем пиетет се однесуваме кон неговото дело, туку импозантно е кога ги читаме странските лингвисти, историчари, проучувачи на делото на Мисирков со каква почит зборуваат за него, додаде Гушевска.

Професорката потсетува и дека уште во 70-те години хрватскиот лингвист академик Далибор Брозович има кажано дека Мисирков и неговото дело не можат секогаш да се мерат со параметрите и терминологијата на времето во кое дејствувал.

-Тој вели, е предвесник на некои научни дисциплини како што е социолингвистиката, што се јавиле 50-тина, 60-тина години по излегувањето на книгата „За македонцките работи“. Така што Мисирков не е само македонски лингвист, тој е и европски лингвист. Тој е нашиот цивилизациски влог во развојот на филолошката, на лингвистичката мисла од тој период, додава Гушевска.

За проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, исто така, од Институтот за национална историја, кога се навршуваат 150 години од раѓањето на Мисирков, освен што треба да се истакне неговото значење, потребно е да се афирмира и неговиот академски профил.

-Понекогаш се запоставува тој аспект и особено е жално што своевремено кога тој живеел, не бил доволно афирмиран заради низата околности во коишто живеел и коишто ја засегнувала, пред сè Македонија. Тоа е време на крајот на 19 век и почетокот на 20 век, време кога славистичката наука, туку и политиката, се занимава со Македонија и Македонците обидувајќи се да ги проучи, но притоа многупати негирајќи го македонскиот идентитет. Во такви услови се раѓа делото на Мисирков и затоа тоа не е доволно афирмирано во неговата современост, посочи Ристовска-Јосифовска.

Таа истакна дека се надева дека ваквите настани ќе ги поттикнат натамошните истражувања на Мисирков.

– Сметаме дека и натаму треба да продолжиме со неговите истражувања бидејќи во неговите истражувања може да се најдат одговори на сите прашања коишто биле горливи и тогаш, а за жал се горливи и денеска. Имаме проблеми со докажување на нашето право на името, јазикот, идентитетот, фолклорот, традицијата, „позајмувањата“ од страна на соседите на делови од нашата историја… Истите проблеми се провлекуваат ако ги читате неговите трудови со денешните состојби. Да се надеваме дека ќе се промени тоа, додаде Ристовска-Јосифовска.

И за директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, прашањата што се поставувале тогаш, еден дел се одговорени, меѓутоа еден дел, дел од нашите соседи, сè уште сакаат да ги негираат.

-Постоењето на македонската држава е факт, македонскиот јазик како литературен јазик е факт, прифатен во светот, и признат во највисоките лингвистички и славистички кругови. И од тие причини денеска ние всушност само треба да се потсетиме на тоа што ни го остави Мисирков како аманет, и само треба да ја продолжиме неговата борба. Ако тој во време на непризнавање на македонскиот народ, на непостоење македонска држава, целиот свој работен и животен век го посвети на македонското прашање и на признавањето и создавањето на македонскиот јазик, ние сме должни, тоа е наш патриотски чин да го истражуваме македонскиот јазик, да го проучуваме, и секако да се потсетуваме на делото на Крсте Мисирков, истакна Јованова-Грујовска.

На тркалезната маса говореа македонски лингвисти, историчари и проучувачи на книжевноста, а освен Гушевска, Ристовска-Јосифовска и Јованова-Грујовска излагања имаа и Митко Панов, Катерина Кузмановска-Петровска, Лидија Тантуровска, Јасмина Ристовска-Паличкова, Зоранчо Малинов, Славчо Ковилоски и Андријана Павлова. Програмата за одбележување на 150 години од раѓањето на македонскиот деец започна со положување цвеќе на споменикот на Крсте Мисирков во паркот кај МАНУ, а Македонски пошти издадоа поштенска марка со номинална вредност од 36 денари и тираж од 6.000 примероци, чиј дизајнер е Лоран Куфало.