Мирен протест со едноминутен молк во организација на „Зелен хуман град“

95

Со едноминутен молк за згаснатите животи на здравите дрвја, а во знак на револт за исечените дрвја на улицата „Орце Николов“, денеска точно напладне во близина на ресторанот „Пепер“, на раскрсницата на улицата „Ленинова“ со улицата „Орце Николов“ започна  протестот во организација на коалицијата на локални граѓански здруженија „Зелен хуман град“.

Активистите и граѓаните најпрвин застанаа во круг околу местото каде што се исечени дрвјата и оставаа цвеќиња, за да им оддадат почит на дрвјата кои како што велат беа последната колатерална штета на разулавената градежна офанзива.

По овој симболичен гест, протестот беше префрлен кај дрвјата во близина на Синдикат кои сè уште стојат, но се планирани за сечење, со цел да се испрати порака кон властите дека е неодржливо и недозволиво да се продолжи со ваквиот екоцид.

– Им упатуваме јасна порака на властодршците: масакрирањето здраво зеленило во еден од најзагадените градови во Европа е недозволиво – истакнаа организаторите на мирниот протест.

Од коалицијата „Зелен хуман град“ бараат: да се сопре извршувањето на решението издадено од Град Скопје, за да се спасат дрвја кои сè уште не се исечени, веднаш јавно да се објават сите документи кои содржат стручни аргументи врз основа на кои е донесено решението за сечење на десет дрвја, итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување, Град Скопје и општините во Град Скопје да воведат статутарни одредби задолжително да организираат презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, како и можност за партиципација на јавноста, Зелениот катастар на Скопје веднаш да се ажурира со сите неопходни информации и отсега натаму тоа ажурирање да е задолжително тековно, ЈП „Паркови и зеленило“ во согласност со тековно ажурираните информации на катастарот, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои може да се спасат и доследно да го применува, итна независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата „Орце Николов“ и објавување на проектантот и ревидентите на проектот, како и да се поднесат пријави по службена должност против сите кои ги прекршиле законите, кои ги пречекориле своите законски овластувања и кои несовесно работеле во службата.

Во однос на барањата упатени до Општина Центар од организаторите на протестот, „Зелен хуман град“, од локалната самоуправа појаснуваат дека е издадено решение за отстранување на 13 дрвја, од кои отстранети се осум, по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва.

– Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија, потенцираат од Општината.

Оттаму додаваат дека проектот за улицата „Орце Николов“ веќе две години е изложен на увид во Општина Центар, објавен е на општинската веб-страница, неколку пати е објавуван и во јавноста и сите засегнати граѓани можат да дојдат во општината и лично или електронски, да се уверат во содржината на истиот и потенцираат дека е извршена ревизија и проектот за улицата „Орце Николов“ ги има поминато сите фази на контрола при изработката.

(А.П.) Фото: Н.Б.