Минчев: Темата за балансерот е завршена, колегите од „Вреди“ да се вразумат и да ги читаат законите

58

Темата за балансерот е завршена, архивирана и се спроведува. Новиот балансер не е провокација за коалиционите партнери во Владата туку едноставно почитување на постојните закони, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев по реакциите на коалицијата „Вреди“ дека новиот балансер за вработување во јавната администрација според попишаното резидентното население, е провокација за Албанците оти се намалува нивниот процент. Министерот Минчев истакна дека не прави ништо намерно за да провоцира некого, туку само го почитува законот, што е негова должност. Минчев им порача на колегите од „Вреди“ да се вразумат, да ги читаат на читање постоечките закони и да се посветат на спроведување на овие закони, наместо да се занимаваат со дневно-политички теми.

-Најмалку имам намера да провоцирам еден од нашите коалициони партнери. Исклучиво спроведуваме закони, а еден од принципите на кои е склучена оваа коалиција е и почитување на законите. Јас само спроведувам закони. Во Законот за вработени за јавниот сектор децидно пишува дека алатката балансер се применува исклучиво за граѓаните кои живеат на територија на Република Северна Македонија, а тоа е резидентното население согласно податоците од последниот попис. Јас се надевам дека колегите од ВЛЕН ќе се вразумат, ќе потрошат повеќе внимание на читање на постојните закони и ќе се посветат на спроведување на овие закони, а нема да се занимаваат со дневно политички теми, рече министерот Минчев.

Министерот додаде дека основната заложба на оваа влада е етничкиот предзнак да не биде принцип за вработување.

 -Дојдено е време во администарцијата да се вработуваат луѓе врз база на знаење и кавалитет, со цел да имаме силна и ефикасна јавна администрација. Но тоа е второто начело, а првото начело е да имаме квалитетни закони, токму овие за кои денеска разговараме, за кои е исклучително важно да бидат применливи, да бидат системски закони. Ако го постигнеме тоа, тогаш можеме да разговараме за втората фаза, односно за добра и квалитетна администрација врз база на знаење и квалитет, рече Минчев.

Тој информираше и дека МЈА ги повлекло од собраниска процедура предлог Законот за административни службеници, предлог Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и  отвора широка дебата за овие закони во рамки на кампања под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.

И министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ја поздрави примената на дигиталната алатка Балансер за вработување во јавниот сектор согласно коригирани податоци од Пописот 2021 и новите пресметки на процентите според кои се зема предвид само резидентното население во државава. Андоновски вели дека се додека не се промени законот или методологијата, ќе биде важечки новиот начин на примена на Балансерот и смета дека на оваа алатка и е вратена законската основа.