Минчев: Нема ново законско решение за балансерот, чекаме конечна одлука од Уставен

По одлуката на Уставен за замрзнување на балансерот, министерот за администрација, Горан Минчев, порача дека Министерството прво ќе ја чека конечната одлука на Уставниот суд околу спорните законски одредби за вработувања во јавниот сектор по етничка линија, па потоа ќе донесе финална одлука дали ќе иницира до Владата ново законско решение, кое ќе овозможи правична застапеност врз основа на стручност и знаење, а не на партиски и на етнички кадри. Од коалицијата „Вреди“ се согласуваат дека балансерот бил добра алатка, меѓутоа, во последно време, бил злоупотребуван и неговото време поминало

8

Законот за правична застапеност на заедниците не е во подготовка, туку се чека конечната одлука на Уставниот суд во однос на балансерот. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, изјави дека лично ја поздравува одлуката на Уставниот суд и повтори дека се злоупотребувал балансерот со години, но, како министер, не сакаше да ја коментира одлуката на Уставен, која, како што рече, е извршна и се спроведува.

– Уставниот суд донесе времена мерка со која се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони општо се предмет на дебата, тоа се законите за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Во принцип, Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд, затоа што таа е извршна и се спроведува. Ако ме прашате за мој личен став, јас досега кажав дека балансерот, како една од тие одредби што се стопираат со времената мерка, мислам дека балансерот, како дигитална алатка, во минатото навистина беше предмет на злоупотреби и ако разгледуваме во тој контекст, ја поздравувам одлуката на Уставниот суд. Што се однесува до законските решенија, јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или, пак, каква ќе биде содржината на тоа законско решение. Секако, би ја причекал конечната одлука на Уставниот суд и во зависност од тоа каква ќе биде, ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение, кое, патем, мора да кажам дека е уставна категорија – изјави Минчев.

Минчев рече дека осудува какви било протести и дека во рамки на владината коалиција ќе има отворена дебата. Тој додаде дека, како Влада, се залагаат за сеопфатна реформа на администрацијата, која треба да се базира на професионалност, стручност, квалитет и на знаења.

– Законот не е во подготовка, Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија. Јас се надевам дека во рамките на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за она што следува. Осудувам каков било повик за протести или, пак, за дестабилизација на државата, за укинување или, пак, за времена мерка на балансерот, затоа што сметаме дека сите заедно дека приоритет и во општеството и во државата и сметам дека е дојдено времето и ние, како Влада, сме подготвени за таков исчекор, да направиме една сеопфатна реформа во јавната администрација, но таа ќе мора да се базира на знаења, квалитет, стручност, односно на професионалност. Само така можеме како држава да одиме напред. Јас досега повеќе пати кажав дека ја сметам јавната администрација за столб на една држава, практично за постоењето на една држава и на една нација – изјави Минчев.

По одлуката на Уставниот суд да го замрзне балансерот и да се поведе постапка за оценување на неговите уставност и законитост, не запираат реакциите кај помалите етнички заедници, особено кај албанскиот блок. Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека одлуката на Уставен е избрзана, затоа што владината коалиција имала договор прво да се донесе законот за правична застапеност на сите заедници, меѓутоа не само за етничката припадност туку и за други категории. Според Таравари, балансерот бил добра алатка, меѓутоа, во последно време, бил доста злоупотребуван.

– Мислам дека не ни требаат вакви тензични состојби во овој период. Напротив, ние и така имавме договор со ВМРО-ДПМНЕ, пред да почне коалицијата, дека треба да се договориме за законот за правична застапеност на сите заедници и потоа за балансерот. Меѓутоа, некако се избрза. Некој, можеби, сакаше да се зборува за ова и да се дефокусира од другите побитни теми. Во албанските општини се пишуваа како Македонци за да се вработат Албанци, а, генерално, во државната централна администрација, повеќе Македонци се пишуваа како Роми, Турци, Албанци за да бидат примени на работа. И тоа веќе беше алатка што се злоупотребуваше на големо. Мораме да најдеме решение за да бидат застапени сите категории луѓе во државната администрација – изјави Таравари.

И првиот вицепремиер, Изет Меџити, смета дека балансерот е девалвиран механизам и дека неговото време поминало. Тој посочува дека вработувањето Албанци нема да престане, но врз база на квалитетот, а не на партиите. Меџити, во гостување на телевизија „21“, потврди дека во формирањето на новата Влада, политичкиот договор меѓу „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ бил дека „овој механизам ќе биде унапреден во закон за соодветно претставување на немнозинските заедници во земјата“.

– Без разлика на тоа како е прикажан балансерот во системот, доколку бил отворен конкурсот за Албанци, еден Македонец се има декларирано како Албанец и го зазел тоа место, а се случувало и обратното. Затоа постои заеднички заклучок дека балансерот е девалвиран механизам и дека помина неговото време. Во формирањето на новата Влада, политичкиот договор меѓу нас и ВМРО е дека ќе биде унапреден овој механизам во закон за соодветно претставување на немнозинските заедници во земјата. Албанците не губат со укинувањето на балансерот, иако Уставниот суд не нашол момент за тоа, не чекал да го унапредиме, но Албанците ќе добијат повеќе, затоа што ќе донесеме закон за соодветно претставување, кој не само што ќе го гарантира претставувањето на Албанците во јавната и во државната администрација туку ќе гарантира и непартиски и квалитативни вработувања. Ќе биде избран Албанец, но ќе биде избран најобразованиот и најподготвен Албанец, бидејќи на овој начин утре ќе имаме администратор што подобро ќе му служи на граѓанинот – изјави Меџити.

Од ДУИ, пак, обвинија дека со „Вреди“ во Владата, веќе нема да има вработувања за Албанците.

– Јавните предупредувања за деалбанизација на државата, сега во практика ги реализира оваа моноетничка власт во која се и губитниците на изборите или нарушувачите на албанскиот легитимитет. „Вреди“ ги затвора очите и дозволува уништување на најважните достигнувања на Албанците последните две децении по ред, од војната во 2001 година. ДУИ ја изразува својата загриженост во врска со последната одлука на Уставниот суд да започне постапка за оцена на уставноста на одредбите што се однесуваат на „етничката припадност“ во контекст на вработувањето во јавниот сектор. Оценуваме дека оваа одлука директно ги прекршува клучните одредби од нашиот Устав и ги загрозува темелите на нашето мултиетничко општество изградено со големи тешкотии – стои во реакцијата на опозициската ДУИ.

Од СДСМ потврдија дека и социјалдемократите ја поддржуваат идејата за укинување на балансерот. Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во емисијата „Дејли клик“ рече дека политичките партии не треба да се мешаат во одлуките на Уставниот суд.

– И ние сме за укинување на балансерот. Балансерот мора да претстави соодветен систем на надградување, но со строги критериуми. Од друга страна, треба да оставиме Уставниот суд да ги носи одлуките и ниту една политичка партија да не се меша во донесувањето на оваа одлука – рече Лукаревска.

Уставниот суд, на седница во средата, донесе одлука да се поведе постапка за оценување на уставноста и на законитоста на балансерот. По долгата дебата и дискусија, која ги подели уставните судии во ставовите, тие со гласање одлучија да донесат привремена мерка за „замрзнување“ на балансерот и до конечна одлука за неговата уставност да нема вработувања врз основа на овој механизам, односно вработувања по етнички клуч. (В.С.Н.)