Мини депонија го нагрдува ликот на Делчево

51

Мини депонијата, која веќе неколку недели ја нагрдува урбаната слика во Делчево, беше причината, денеска од општинската организација на Демократската обнова на Македонија (ДОМ) да го изразат своето незадоволство до несовесните граѓани кои градежниот шут и останатиот отпад го исфрлаат на само пет метри од детското игралиште во центарот на градот.

Претседателот и советникот од редовите на ДОМ Диана Јосифовска, осудувајки го ваквиот чин, апелираше до надлежните да преземат поактивни контроли и санкции, како ваквата состојба не би продолжила и понатаму.

– На само неколку чекори од детското игралиште во централното подрачје во општина Делчево, на самиот паркинг, каде бугарски туристи ги паркираат своите возила и автобуси и доаѓаат со своите деца, се создаде нова дива депонија што ја нарушува убавата слика за градот. Пред неколку месеци имавме кампања против дивото депонирање на јавните површини, но очигледно истата не вроди со плод. Како општинската организација на ДОМ во рамки на таа кампања имавме поддршка и од градоначалникот на општина Делчево и имавме за цел да ја покренеме свеста на граѓаните со цел ваквите појави во иднина да исчезнат, но по се изгледа залудно, истакна Јосифовска.

Таа апелираше до надлежните институции да се поведат поактивни контроли и санкции против несовесните граѓани, со цел ваквите срамни сцени во иднина да не бидат слика за општина Делчево.

Од раководството на ДОМ – Делчево, најавија регистрирање на сите диви депонии што ќе бидат забележани на територијата на општина Делчево и нивно обелоденување пред јавноста.