Министрите на ДУИ денеска ќе ги поднесат условените оставки до Ковачевски

37

Условените оставки на министрите од ДУИ денеска формално ќе бидат доставени до премиерот Димитар Ковачевски на владина седница потпишани поединечно од секој од петмината министри, а кои би се активирале веднаш штом бидат усвоени уставните измени.

Вицепремиерот Артан Груби најави и дека тие како партија се подготвени да се откажат и од договорениот премиер Албанец 100 дена пред избори доколку опозицијата даде поддршка на патот кон ЕУ.

Поддршка на своите партиски колеги вчера изрази и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој во интервју за МИА рече дека е подготвен да ги следи чекорите на своите сопартијци и би се повлекол и тој од функцијата.

Од СДСМ велат дека сега на потег е лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој, според нив, треба да докаже дали е за продолжување на евроинтегративниот пат Македонија.

Мицкоски, пак, е  на став оставките на ДУИ не треба да се гледаат сериозно. Тој повтори дека уставни измени нема да има, како и дека единствено решение во оваа ситуација се предвремени парламентарни избори.