Министерот за култура и туризам Зорн Љутков посочува дека следната година ќе се изработи национална стратегија за развој на туризмот, но и за развој на културата. Истовремено, додава дека нема да има нови вработувања, бидејќи ќе се префрлат вработени од Министерството за економија, под чија надлежност беше туризмот, во Министерството за култура

– Ние неколку години анализираме што е потребно да се промени за државата да има економски бенефит од културата. Мислам дека заедно со културниот туризам, бидејќи тој моментално е најразвиен во државата, културата ќе стане профитабилна дејност и ќе може да придонесува за економијата во државата – кажа, меѓу другото, во интервју за МИА министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Тој додава дека следната година ќе се изработи национална стратегија за развој на туризмот, но и за развој на културата. Истовремено, посочи дека нема да има нови вработувања, бидејќи ќе се префрлат вработени од Министерството за економија, под чија надлежност беше туризмот, во Министерството за култура и, како што најави, ќе почнат да го развиваат културниот, а најмногу транзитниот туризам.

– Станува збор за Е-75-автопатот од Србија, преку Македонија, до Грција, бидејќи тука имаме и археолошки локалитети, а можеме да го развиваме и винскиот туризам. Тука има и хотели со оглед на тоа што во близина е Велешкото Езеро – истакна Љутков.

Нови правила и критериуми во годишните конкурси за поддршка

Во однос на конкурсот за поддршка на проектите од национален интерес во културата, тој напомена дека критиките се однесуваат на критериумите и на правилата што се поставувале. Министерот најави дека ќе воспостават нови правила и критериуми со цел заштита од сите влијанија што биле проблематични претходните години и дека веќе се работи во оваа насока.

Што се однесува на Законот за употреба на македонскиот јазик, Љутков потсети дека тој поминал во Собранието, дека на следната владина седница ќе се назначи нов директор на Инспекторатот за примена на македонскиот стандарден јазик и дека подоцна ќе следуваат вработувањата.

– Законот за употреба на македонскиот јазик во 2020 имаше една несреќна јавна дебата. Ние, како опозиција, со сите капацитети што ги имавме, го стопиравме донесувањето на тој Закон, бидејќи воопшто не беше направен според стандардите како што треба да биде донесен еден закон. Потоа, три години тој стоеше заглавен во собраниските лавиринти. Подоцна поднесовме амандмани, кои беа прифатени и од Министерството за култура и од тогашната позиција. Заеднички го донесовме тој закон во 2024, кој предвидува формирање инспекторат – кажа Љутков, објаснувајќи дека Законот е добар, бидејќи неговото спроведување е во надлежност на сите засегнати субјекти на законодавната, судската, извршната власт и на единиците на локалната самоуправа.

– Ќе биде малку тешко на почеток, но се надевам дека ќе успееме во овој процес, бидејќи, еве, речиси еден месец сме на позиција, во најбрз можен рок ќе го поминеме на седница на Владата – додаде министерот.

Прашан за дивоградбите во Охрид, Љутков одговори дека ова е проблем што ќе се решава со сите засегнати страни. Според него, не е Министерството за култура надлежно во овие процеси, но дека на денешната седница на Владата ќе биде назначена новата национална комисија за УНЕСКО, која содржи многу професионалци во областа и ги содржи предлозите на сите релевантни институции. Како што вели, тука се вклучени Министерството за транспорт и врски, но и локалните единици, што значи дека во целиот овој процес заеднички мора да се договори кои ќе бидат приоритетите, појасни Љутков во интервјуто за МИА.

Како што рече Љутков, фокусот ќе биде да ги обедини институциите за да направи работно тело што на крајот ќе донесе заклучок како да се справат со проблемите.

Во однос на идните активности, Љутков најави дека ќе треба да се донесат многу нови законски измени со цел да се спроведат реформите што следуваат во 2025 година.

– Генерално, ќе мора да се посветиме на многу процеси. Ќе продолжиме со новиот предлог-закон за култура. Тука имаме и нов предлог на закони во заштита на културното наследство. Ќе мора да се донесат многу законски измени и нови закони за да можеме да ги спроведеме реформите што ќе следуваат во 2025 година. Главен приоритет, како круна што ќе ни го означи мандатот, ќе биде „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“ – појасни Љутков.

Се чека извештајот за првата фаза од изградбата на Универзална сала

Во однос на тоа што ќе се случи со Универзалната сала, министерот Љутков рече дека нема забелешки од извештаите во однос на самата изградба на салата и напомена дека го чека извештајот од првата фаза на градбата, кој би требало да го добие следниве денови.

– Кога ќе кажам дека не ставам потпис во понатамошната постапка, тоа значи дека се сомневам во одредени процеси, бидејќи јас наследувам нешто во моментот, а тоа е капитален објект. Прво, немам никакви забелешки од извештаите во однос на изградбата. Изведувачот си ја работи работата како што си ја работи. Беше отворена втората фаза за „тендерирањето“, но ние сè уште немавме информации од првата фаза или од пожарот. Во овој период, добив информација дека за ден-два ќе го добиеме извештајот и втората фаза ќе може да си продолжи. Но, јас имам проблем со постапката. Го испитувам тој процес. Ако не е во ред таа, тогаш ќе донесеме одлука што ќе се случува во процесот понатаму. Ако не е постапката во ред, тогаш нема јас, туку државата ќе го стопира процесот. Но, како и да е, во овој момент, во Универзалната сала се работи по сите правила и прописи – рече Љутков.

Сепак, тој е дециден дека, иако Универзалната сала е важна за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028”, таа не е единствената институција. Напомена дека Министерството за култура ќе ги вложи сите капацитети во финансирање, но и во модернизирање на сите други национални установи, кои би можеле да бидат на располагање во 2028 година.

– Постојат и други институции што се под надлежност и на Град Скопје и на Министерството за култура и туризам. Ние, како партнери на Град Скопје во титулата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“, ќе ги вложиме сите наши капацитети. Не само финансиски капацитети туку ќе ги вложиме сите просторни услови што ги нудиме, а, исто така, сакаме да вложиме и во модернизирање на сите национални установи за да бидат на располагање во 2028 година – додаде Љутков, кој открива и дека ако сè тече како што треба и ако сите извештаи се во ред, до крајот на 2027 година ќе бидат готови со сите започнати проекти и во 2028 година ќе бидеме европски домаќини.