Министерот Кац го нарече дамка во историјата на ОН: Антонио Гутереш е прогласен за персона нон грата во Израел

494

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го прогласи генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш за персона нон грата, веднаш забранувајќи му влез во Израел.

Изјавата беше објавена како одговор на, како што тврди Кац, неуспехот на Гутереш „недвосмислено да го осуди“ нападот на Иран врз Израел, кој го гледа како поддршка на терористичките организации.

„Секој кој не може недвосмислено да го осуди грозоморниот напад на Иран врз Израел, не заслужува да стапне на израелска почва“, рече Кац.

Тој го обвини Гутереш дека е антиизраелски шеф на ОН, кој дава „поддршка на терористите“ како Хамас, Хезболах, јеменските бунтовници Хути и Иран.

Одлуката уследи по серијата изјави на Гутереш кои, според Кац, одразуваат континуирана пристрасност против Израел од почетокот на конфликтот.

Кац го критикуваше лидерот на ОН за тоа што не зазеде цврст став за злосторствата на Хамас на 7 октомври 2023 година и дека не се залагаше за резолуции со кои групата се означува како терористичка организација.

„Гутереш ќе биде запаметен во следните генерации како дамка во историјата на ОН. Израел ќе продолжи да ги брани своите граѓани и да го штити своето национално достоинство, со или без Антонио Гутереш“, рече Кац.

Гутереш се уште не одговорил на соопштението.

Пред иранскиот напад во вторникот, Гутереш повика на итен прекин на огнот, се вели во изјавата на неговиот портпарол Стефан Дужарик.

Во соопштението се предупредува дека „по секоја цена мора да се избегне сеопфатна војна во Либан“.