Синдикатот и Владата не се договорија околу зголемувањето на платите во јавниот сектор. Од Сојузот на синдикатите на Македонија за весникот ВЕЧЕР информираат дека за нив е неприфатлива предлог-методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Според оваа методологија, платите на вработените во јавниот сектор би се зголемиле за 20 отсто, но за 5 години. Слична е ситуацијата и во приватниот сектор, каде што незадоволството на работниците е зголемено не само поради инфлацијата туку и поради растот на платите на функционерите за 78 отсто.
Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, вели дека методологијата за раст на платите на вработените во јавниот сектор не е прифатлива, бидејќи според неа оние работници што сега земаат минимална плата од 20.200 денари, до 2028 година ќе земаат околу 26.300 денари.
– Според она што го нуди Владата, минималната платата во јавниот сектор од 20.200, колку што изнесува сега, до 1 јануари 2028 година ќе стигне до 26.300 денари. Функционерите прекуноќ си ги зголемија платите за 78 отсто, а нам ќе ни ги зголемат за 20 отсто, ама по 5 години. Од друга страна, никој не може да предвиди за инфлацијата и растот на трошоците за живот. Така, на пример, и да имаме инфлација од 2-3 отсто, овој пораст нема да ја задржи куповната моќ на работната сила – вели Пешевски за весникот ВЕЧЕР.
Тој вели дека и во приватниот сектор состојбата не е добра и затоа работниците постојано заминуваат надвор од државата за поголеми плати. Освен тоа, незадоволството на работниците е зголемено и поради растот на платите на функционерите за 78 отсто.
– За да им ги зголемиме платите на работниците, не треба да ја мериме продуктивноста. Прво треба да ги зголемиме платите и да ги мотивираме работниците, а потоа продуктивноста ќе се зголеми сама по себе – додава Пешевски.
Синдикатот не гледа спас од кризата со увоз на работна сила. Спасот од недостигот на работници со увоз на работници однадвор го гледаат само Владата и работодавците, кои се виновни за тоа што години наназад, поради лошите услови и ниските плати, ги бркаа работниците од државата.
Поради тоа, од ССМ апелираат државата да не ги олеснува условите за увоз на работници, туку заедно со социјалните партнери да креира политики за зачувување на домашната работна сила и за да обезбеди достоинствени услови и плати.
Од Владата велат дека платите на вработените во јавниот сектор ќе се дефинираат преку Законот за плати со кој ќе се утврдат правилата по кои во иднина ќе се уредуваат платите во јавните институции и преку општиот колективен договор, кој ќе ја содржи методологијата за системско решавање на динамиката на раст на платите на вработените во јавниот сектор.
Министерот за финансии Фатмир Бесими потенцира дека донесувањето на Законот за плати е подолготраен процес со кој, исто така, ќе се заокружи донесувањето на општиот колективен договор, кој ја содржи методологијата за раст на платите на вработените во јавниот сектор.
– Тоа е голема реформа што не може да се изврши во текот на една година и треба да има транзициски период – истакна Бесими.
(А.С.)