Романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на „Матица“, е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2023 година на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), кое вчера ги објави добитниците на традиционалните годишни награди за 2023. Од 14 пријавени дела за оваа награда во најтесен круг влегоа и романот „Заборав“ на Томислав Османли  и збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ.

Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија, пак, е доделена на делото „Коњски житија“ од Зоран Анчески во издание на „Арс ламина“. За таа награда одлучуваше жири-комисија во состав Елена Пренџова, претседателка на комисијата и членовите Снежана Стојческа и Зоран Јакимовски.

Наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчевски и Билјана С. Црвенковска, а илустрирано од Оливер Коларески. Одлуката е на тричленото жири: Сузана Мицева, Наум Попески и Стево Симески.

„Птици во аквариум надреализам 1924-2024“ од Лидија Капушевска-Дракулекса и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“, пак, ја доби наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година за најдобра книга, критика и есеистика во избор на жирито во состав: Иван Додовски, претседател, и членовите Соња Стоименовска- Елзесер и Елизабета Пандиловска.

Инаку, Гордана Јовиќ-Стојкоска, претседателката на жири-комисијата за наградата „Стале Попов“ рече дека „Ако се родат некакви чувства“ е роман за Гоце Делчев и неговата сакана Јанка Канчева, но е и многу повеќе од тоа – роман за светот виден одеднаш низ времето и просторите.

„Победничката книга ја добивме со еден глас повеќе од другиот. „Ако се родат некакви чувства“ е комплексен роман и старографска метафикција разгранета со барем две странични жарновски меандри, документаристика и фељтонистика. Во рамките на најшироката одредница дека „Ако се родат некакви чувства“ е роман за Гоце Делчев и неговата љубена Јанка Канчева, Миневски цели минати и сегашни познати и непознати светови кои го воспоставуваат чувството, припаѓањето, повторливоста на несакањето порано, сега и секогаш, овде и каде било на светот. Македонската фикција е искористена за универзална фикција, рече Јовиќ Стојкоска, покрај која во жири-комисијата членуваа и Оливера Ќорвезироска и Стефан Маркоски.

Употребувајќи првпат објавени сведоштва за тајните средби на Гоце и Јанка и за нивните интимни моменти, посочи претседателката на жирито, Миневски испишал нови страници за стари љубови, нови истории за стари вистини, но и обратно.

ДПМ не ја додели наградата МОСТ за најдобро дело напишано на јазик на националностите затоа што, пристигнале само две дела, а за избор се потребни три.

Наградите ќе бидат доделени на свечена церемонија задутре во 19 часот во просториите на ДПМ.