Минарето на џамијата во Злокуќани продолжува да се гради под црниот најлон

799

Одговорните што ја градат дивоградбата денеска не се појавија на средба со  раководителот на Секторот за инспекторат во Општина Карпош, по што се одредени 15 дена за доброволно отстранување на нелегалниот објект. – Во случај да не биде доброволно отстранет објектот во предвидениот рок, случајот ќе биде пријавен и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, наведуваат од локалната самоуправа  

И покрај тоа што инспекциските служби на Општина Карпош наредија стопирање на бесправното градење на џамијата во Злокуќани, како што информираше денеска градоначалникот Стевчо Јакимовски, има сознанија дека под црниот најлон, поставен над минарето, продолжуваат градежните активности.

– Добивме информации дека и во неделата под најлонот повторно се работеше –  тврди Јакимовски.

Иако одговорните за дивоградбата вчера во 9:30 часот требаше да се сретнат со раководителот на Секторот за инспекторат во Општина Карпош тие не дошле. Од општината велат дека Инспекторатот одредил 15 дена рок за доброволно отстранување на нелегалниот објект.

– Во случај да не биде доброволно отстранет објектот во предвидениот рок, случајот ќе биде пријавен и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам – наведуваат од локалната самоуправа.  

Инаку, Јакимовски за весникот ВЕЧЕР обелодени дека нелегалните активности ги изведуваат Роми од муслиманска вероисповед. Како што објасни, повеќе години постои објект во кој тие ги извршуваат верските обреди, а сега тие му додаваат минаре.

Инспекциските служби на Општина Карпош, во врска со нелегалното градење верски објект во населбата Злокуќани, во саботата излегле на терен, но во моментот кога е извршена контролата, како што велат не се вршени градежни дејствија.

Минарето како што истакна Јакимовски никнало точно на Божик вечерта, во 19 часот, а оти околу џамијата имало три и пол метарска бетонска ограда и затоа не се гледало од надвор што се гради. Но, откако почнало да се гради, минарето се издигнало над оградата и сега веќе се гледа од секаде.

 (А.П.)