Милошоски објави бомба – Заев тврди дека коментирал, а не договарал одлуки со Врховен суд

Од самиот материјал, рече пратеникот Милошоски, може да се види дека Заев цело време бил во тесна и блиска соработка со Катица Јанева, која е очигледно дека без него не можела да одлучува или да постапува самоволно. Лидерот на СДСМ претпоставува дека снимките најверојатно настанале на некој од состаноците за Законот за Јавно обвинителство во рамки на преговорите кои се водеа со групата пратениците, кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Додава дека неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за Јавно обвинителство и покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд

63

На прес-конференција, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонио Милошоски денеска објави нов материјал, кој рече дека како транскрипт му бил доставен од укажувач. Милошоски најпрво прочита писмо, кое, како што кажа, му било доставено од анонимен доставувач.
– Аудиоснимката и доставениот материјал укажуваат на грубо мешање на извршната во судската власт, како и одлучувачка контрола на извршната власт врз работата на Обвинителството. Материјалот сметам дека е сериозна индиција за кривична одговорност по основ на мешањето на извршната власт во работата и одлучувањето на судската власт и јавноста има право да ја слушне содржината на овој материјал бидејќи истиот има елементи на висока корупција и злоупотреба на службената положба – рече Милошоски на прес-конференцијата.

Од самиот материјал, рече пратеникот Милошоски, може да се види дека Заев цело време бил во тесна и блиска соработка со Катица Јанева, која е очигледно дека без него не можела да одлучува или да постапува самоволно.

–Заев како премиер во присуство на нему познати лица, дава експлицитно јасен исказ дека тој договарал одлуки заедно со Врховниот суд. Тоа е флагрантно мешање на извршната во судската власт и кршење на многу членови од Кривичниот законик – нагласи Милошоски.

Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство, изјави лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев во врска со објавените снимки од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Тој во интервју за Прес 24 истакнува дека снимките најверојатно настанеле на некој од состаноците во рамки на преговорите кои се водеа со групата пратениците, кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

-Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Тоа се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство, нагласи Заев.

Додава дека неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство и покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд.

-Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.6.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции. Сè друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство, додава лидерот на СДСМ.

Тој уште смета дека ВМРО-ДПМНЕ се закопала со пуштање снимки од разговори од време кога сите знаеле дека предметите на СЈО биле под закана.

– Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен, вели Заев.

Минатата недела Милошоски на средба со обвинителката Вилма Русковска приложил диктафон со уште еден аудиозапис и транскрипт од материјалот што го добил исто така од „свиркач“. Милошоски тогаш тврдеше дека станува збор за доказ дека експремиерот Зоран Заев знаел за начините на кој се финансира 1ТВ, чиј неформален сопственик беше Бојан Јовановски – Боки 13, првообвинет за случајот „Рекет“.

Истата снимка пратеникот ја објави на Комисијата за европски прашања, а транскриптот од разговорот им го подели на пратениците. Во транскриптот што Милошоски го прочита, наводно З.З води разговор со друго лице чиј идентитет е непознат, а зборуваат за осомничениот за „Рекет“, Бојан Јовановски. Според објавениот транскрипт, Заев наводно вели дека Јовановски за 1ТВ добива пари од бизнисменот Силјан Мицевски, како донација преку проектот за старечките домови на Меѓународниот сојуз.