Во хрватското пристаниште Каштела, во Каштел Гомилица во саботата вечерта избувна огромен пожар, во кој изгореа пет бродови, а 18 од нив биле оштетени. Едно лице е полесно повредено, а штетата, со оглед на тоа што станува збор за луксузни бродови, е огромна, пренесува Кликс.ба.
Точната причина за пожарот, како и последиците сè уште не се утврдени, имајќи предвид дека на некои места бродовите гореле и во неделата, но претпоставката е дека сè започнало од еден брод на кој готвачот правел ручек.
Директорката на ова пристаниште, Ивона Смољиќ, рече дека според информациите што ги имаат, причината за пожарот е човечки фактор. Сè започнало од бродот на кој бил готвачот, и кој за среќа успеал да избега без последици. Екипажот се обидел да го изгаси пожарот самостојно, но без успех.
Бидејќи биле запалени јажињата со кои бил закотвен бродот, тој пловел по морето и со тоа запалил други бродови на повеќе локации.
Судски вештак од Хрватска проценува дека е направена штета од неколку милиони евра, со оглед дека станува збор за јахти од 25 метри. Меѓу запалените јахти, едната беше во сопственост на белградскиот претприемач Милан Поповиќ, поранешниот сопруг на Северина Којиќ.
Откриена причината за пожарот во Каштел Гомилица, изгорени пет јахти, оштетени повеќе бродови