„Миле Корубин е еден од најголемите македонски сликари, тој е првиот академски образован македонски уметник по Втората светска војна. Неговите први слики потекнуваат од првата половина на четириесеттите години од минатиот век. За првпат изложува во 1945 година, на првата уметничка изложба во слободна Македонија и во оваа импресивна листа на први, тој е и првиот претставник на највлијателната уметничка фамилија на Македонија“, истакна проф. д-р Кирил Пенушлиски на отворањето на изложбата во чест на Миле Корубин во Чифте амам. Тој додаде дека Миле Корубин, сè до својата смрт, беше исклучително активен, учествувајќи на речиси сите изложби на ДЛУМ, чиј претседател беше во еден период   

 

„Секоја слика ја сметам за незавршена. Нејзиното завршување се остварува во следната слика и така натаму. И, можеби, сите тие слики заедно значат едно оформено уметничко дело…“. Вака зборувал Миле Корубин – еден од најголемите македонски уметници. И токму на оваа девиза, основната идеја водилка во неговото творештво, која постојано го терала напред во непрекинатото неуморно истражување на нови предизвици, потсети Дита Старова- Ќерими, директорката на Националната галерија, на вчерашното отворање на ретроспективно-јубилејната изложба во Чифте амам, во чест на овој еминентен уметник и по повод 100 години од неговото раѓање.

„Миле Корубин (1922-2000), во генерациски рамки, претставува издвоен автор, кој наспроти предизвикот на новите ликовни струења, избира сопствена еволутивна патека и создава карактеристичен ракопис. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, манифестира сопствена логика на ‘патувањето’ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното… Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози…“, додаде, меѓу другото, Старова-Ќерими.

Во рамките на овој грандиозен проект, омаж посветен на Корубин, публиката, која во голем број и со нескриен интерес присуствуваше на отворањето, имаше можност да ужива во голем број негови дела од неговото богато творештво.

„Миле Корубин е еден од најголемите македонски сликари, тој е првиот академски образован македонски уметник по Втората светска војна. Неговите први слики потекнуваат од првата половина на четириесеттите. За првпат изложува во 1945 година, на првата уметничка изложба во слободна Македонија и во оваа импресивна листа на први, тој е и првиот претставник на највлијателната уметничка фамилија на Македонија“, истакна на отворањето проф. д-р Кирил Пенушлиски.

Тој додаде дека Миле Корубин, сè до својата смрт, беше исклучително активен, учествувајќи на речиси сите изложби на Друштвото на ликовни уметници, чиј претседател беше во еден период.

„Има отворено девет самостојни изложби, изведе голем број споменици и има безброј слики и дела. Но, она што импресионира кај него, покрај повеќе од половина век активно творење, е, пред сè, квалитетот и карактерот на неговите дела. Миле Корубин е единствениот уметник кој ја доби наградата „Нерешки мајстори“ трипати, во три различни децении“, додаде д-р Пенушлиски.

Во рамките на изложбата беа промовирани и каталогот, монографијата, со ново читање на неговото творештво, при што се опфатени анализата и развојот на неговите дела.

Рубенс Корубин, исто така еминентен македонски уметник, професор и академски сликар, се потсети дека Миле Корубин, за него, бил и татко и сликар, од кого научил дека „односот на две бои може да биде многу јака порака и во емоционална и во мисловна смисла“.

Изложбата ќе биде отворена за публиката до 27 октомври 2023 година, а кураторки се Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска. (Д.Т.)

Фото: П. Стојановски