Миле и Спиро по инцидентот засолнети во “Хашка соба”

152

Котевски рече дека Јанакиески и Ристовски не шетале заедно, туку едниот во едно шеталиште, а после еден час и другиот во друго шеталиште. Тој додаде и дека тие сега се сместени во Хашкиот дел, издвоени од другите затвореници, со што е намалена можноста да се сретнат со напаѓачите, но и со други лица поврзани со други кривични дела

 

Директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски го прифати барањето на премиерот Зоран Заев и рече дека ќе поднесе оставка по вчерашните физички инциденти во кои учествуваа поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се во притвор за настаните во Собранието на 27 април 2017. Котевски рече дека оставката ќе ја поднесе кога ќе заврши истрагата.

– Јас сум одговорен човек и професионалец во службата и кога службата ќе потфрли логично е од професионални и морални причини да се поднесе оставка. Од досегашната истрага утврдени се пропусти и непочитување на стандардните безбедносни протоколи во службата за обезбедување на затворот во Скопје. Одговорноста за тоа ја преземам јас, рече Котевски во изјава за медиумите пред КПУ „Скопје“.

Тој најави дека во понеделник ќе биде завршена комплетната внатрешна истрага, а потоа извештајот ќе биде доставен до Министерството за правда, до Управата за извршување санкции и до Кабинетот на премиерот.

Котевски рече дека Јанакиески и Ристовски не шетале заедно, туку едниот во едно шеталиште, а после еден час и другиот во друго шеталиште. Тој додаде и дека тие сега се сместени во Хашкиот дел, издвоени од другите затвореници, со што е намалена можноста да се сретнат со напаѓачите, но и со други лица поврзани со други кривични дела. За време на инцидентите, местата ги обезбедувало само едно лице, а по настанот, во Истражниот затвор на работа се повикани поголем број на затворски чувари.

Претходно Котевски, за дел од медиумите најави дека зборот на премиерот е последен и затоа тој оставката ќе ја поднесе во понеделник.

Миле Јанакиески штрајкува со глад

Поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески почнал штрајк со глад во затворот во Шутка откако во четвртокот беше нападнат од обвинети за тероризам во случајот „Диво Насеље“. Повикувајќи се на свои извори во Истражниот затвор, Прес 24 пренесе дека Јанакиески во петокот ја одбил и посетата на своите најблиски.

Премиерот Зоран Заев вчера побара најдоцна до понеделник оставка од директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски, по двата инцидента во четвртокот.

Рано сабајле се слушнав со директорот, кој ми даде устен извештај за тоа што се случило. Го осудувам инцидентот без разлика кој провоцирал или кој како постапил. Деталното образложение што ми беше дадено го сфаќам и верувам дека истрагата ќе ги покаже сите детали, но во име на одговорноста не можам да прифатам дека директорот на затворот и луѓето таму определени да се грижат за безбедноста додека трае терминот за прошетка во самиот затвор, да се случи истовремено уште еден настан за после 45 минути или саат. Тоа во најмала рака покажува без разлика дали имало провокација или не, дека некој не си ја завршил својата работа, изјави премиерот Заев.

Зад ваквата одлука застана и министерката за правда Рената Дескоска, која рече дека ако има употреба на физика сила тоа е веќе и кривично дело кое треба да биде предмет на истрага и на јавниот обвинител и на народниот правобранител. Државниот обвинител Љубомир Јовески најави дека обвинителството ја следи ситуцијата со инцидентот во затворот Скопје, а Народниот правобранител во петокот соопшти дека веќе има екипи во затворот кои темелно ќе го истражат целиот случај.

ВМРО-ДПМНЕ: Одговорност и од нарачателите

Од ВМРО-ДПМНЕ во петокот порачаа дека со оставката на Ѓоко Котевски не смее да се прикрива одговорноста на инспираторите и нарачателите.

– Зоран Заев и Рената Дескоска мора да сносат одговорност за тепањето на Јанакиески и Ристоски во притвор. Одговорност мора да има од Заев и Дескоска, а не истите да се вадат на одговорност само во пониските ешалони на власта. Тепањето на Јанакиески и Ристовски е акт на деспотизам кој не смее да остане неказнет. Чинот што било дозволено тепање на притвореници е срам за демократијата, велат од партијата.

Најостра осуда за физичкото насилство во затворот во Шутка пристигна и од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

Јанакиески и поранешниот министер за образование и труд и социјала, Спиро Ристовски во четвртокот во два одделни инциденти беа нападнати од две лица обвинети во предметот „Диво Насеље“. Поради здобиените повреди, Јанакиески беше префрлен во болница.

Од Истражниот затвор соопштија дека по инцидентите за Јанакиески и Ристовски веднаш биле обезбедени прегледи и соодветна грижа од домскиот лекар. Спиро Ристовски не побарал дополнителна медицинска помош, додека Миле Јанакиески се пожалил на болки поради што бил упатен кон ГОБ „8 Септември“. Од болницата потоа потврдија дека тој бил примен, но оти не му биле констатирани телесни повреди.

Јанакиески и Ристовски се во Истражниот затвор во Шутка, откако им беше изречена мерка претпазливост – триесетдневен притвор поради сомнение дека се дел од организаторите за настаните од 27 април во Собранието.