Милановиќ: Граѓанска БиХ е невозможна и не е во интерес на Хрватска

38

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека граѓанска Босна и Херцеговина, како што предлагаат тројцата членови на последното Претседателство на СФРЈ, не е можна и не е во интерес на Хрватска.

Милановиќ истакна дека вчера разговарал за тоа со поранешниот хрватски претседател Стјепан Месиќ, истакнувајќи оти е против неговата идеја.

– Ние разговараме, не мислиме исто за тоа. Граѓанска БиХ, таква како што се замислува, не само што не е моќна туку не е и во интерес на Хрватска, истакна Милановиќ.

Тој додаде дека статусот на Хрватите во БиХ „мора да биде статус на рамноправен, конститутивен народ, кој ќе избира свои претставници во Домот на народите“, додавајќи дека хрватските претставници сега ги избираат оние кои не се Хрвати.

Милановиќ повтори дека заедно со хрватските претставници во БиХ се обидува „да најде решение за да не се малтретираат Хрватите како што (Слободан) Милошевиќ тоа го правеше на друго малцинство“.

– Денешното однесување на бошњачкото раководство во БиХ е образец на однесување на Слободан Милошевиќ, нивниот џелат, тоа е нивниот џелат, начинот на кој тој се однесуваше во 90-тите, посочи Милановиќ.

Тројца членови на последното претседателство на СФРЈ, Месиќ од Хрватска, Богиќ Богичевиќ од БиХ и Васил Тупурковски од Северна Македонија подготвуваат документ наречен Апел за спас на Босна и Херцеговина, во кој нагласуваат дека граѓанската држава е единственото решение за БиХ.

Тие се залагаат за сосема спротивно решение за БиХ од етничкиот концепт на Република Српска и ХДЗ БиХ, што е поддржан од властите во Белград и во Загреб