Вечните кошаркарски ривали излегоа со зедничко соопштение во пресрет да утрешниот натпревар меѓу Работнички и МЗТ Скопје, во кое известија дека дерби натпреварот од последното коло во Суперлига ќе биде одиграно пред празни трибини како знак за протест на високите парични казни кои ги добија од Министерството за Внатрешни работи.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Во договор на управите на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром, заедно со нивните навивачки групи „Сити Парк Бојс“ и „Фемили“, утрешното вечно дерби ќе биде одиграно пред празни трибини односно без присуство на публика во знак на протест на високите казни кои двата клуба и навивачите ги добиваа во минатото, но и сѐ уште ги добиваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Со ова сакаме само да покажеме како во иднина би изгледало најголемото дерби во македонскиот спорт ако се продолжи со политиката на високи казни и ригидно применување на законските акти кои дефинитивно не се прилагодени на нашите услови. Со соочуваме со драматични моменти, кои се закануваат да ја нарушат егзистенцијата на Работнички и на МЗТ Скопје Аеродром и тоа не само на професионалците од првиот тим туку и на големиот број таленти кои двата клуба ги имаат во своите редови.

Интенција на двата клуба е да се почитуваат законите, но од државата бараме тие да бидат прилагодени на условите во нашата држава. Заеднички заклучок ни е дека Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), на кој се повикува МВР, е максимално ригиден и ригорозен, со превисоки казни и работи кои не се применливи кај нас. Поради овој Закон, кој е препишан од некои дијаметрално поразлични средини од нашата, клубовите повеќе пари даваат на неверојатно високите парични санкции, отколку на своите играчи, што треба и е приоритет на секој спортски колектив во светот. Затоа, бараме итна промена на ЗСНСТ, негово прилагодување на македонските услови и пред сѐ казнен систем прилагоден на нашиот стандард.

Ако тоа не се случи, тогаш јавноста ќе треба да се навикне на следење вакви сиромашни дерби пресметки пред празни трибини, наместо тие да бидат како и досега – празник на кошарката во нашата држава.