Денес се одбележува Меѓународниот ден на трудот 1 мај. На денешен ден 1886 година се одржани масовни демонстрации на работниците во Чикаго, во чијшто спомен овој ден е прогласен за празник.
Овој ден, посветен на споменот но и иднината на работничките права, денес се слави во над 150 земји. Ретко се слави со скара, вообичаено се одбележува со работнички демонстрации.
Се одбележува со работнички демонстрации во знак на сеќавање на времето на бездушното искористување на работниците со ниски надници, несигурни работни места и работно време од 12, па и 18 часа дневно.
Повеќе од еден век подоцна сеќавањето на тоа време е многу опипливо и реално. Само што некогашните работници барале достоинствен живот преку штрајкови, а сегашните како да кренале раце од себе.
Паметам една ТВ анкета од пред некоја година, меѓу луѓето, работниците, пред разгорени скари на лединката кај реката Треска. Се налутија оти некој ги прашува за историја, кога „жими 1 мај е единствен ден на работниците“.
Така е. Единствен ден на работниците. Другите 364 или пет се на газдите. За чиишто неправедни постапки вие ни пишувате нам, а ние објавуваме. Овој ден е и ден за борба за основните човекови права или, како што се вели, права на достоинствен живот на секој работник.
Одбележете го како сакате, секој е господар на својата судбина, но барем земете еден црвен каранфил, во спомен на работниците кои загинале штрајкувајќи денот да биде поделен на 8 работни часа, 8 часа одмор и 8 часа за себе.
Борбата за работнички права не е историја, таа се уште трае. И треба да трае. До кога, од нас зависи.
Нека ни е честит денот!
Од уредникот