Мечка се симнала во град во Словачка и повредила две лица

44

Две лица се во болница откако биле нападнати од мечка во словачкиот град Липтовски Микулаш, соопштија тамошните власти. Четириесет и деветгодишна жена се здобила со повреда на рамото, а 72-годишник се здобил со повреди на главата, потврдија официјални лица, пренесува Би-би-си.

Извештаите велат дека полицијата продолжила да ја брка мечката надвор од градот, испраќајќи ја во шумата. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како мечката се движи по патот и наедно, како напаѓа човек на тротоарот.

Веста доаѓа по еден ден откако почина 31-годишна Белорусинка, обидувајќи се да избега од кафена мечка во блиските планини Ниска Татра. Таа шетала со маж низ област со густа шума и стрмни клисури кога ги начекала мечката.

Според зборовите на мажот, тој и жената избегале во различни правци. Набргу откако била повикана помош, куче трагач го открило нејзиното тело.

Има голем број напади од мечки во Словачка, во последниве години, вклучително и еден фатален напад во 2021 година, кој во тоа време беше пријавен како прв во Словачка по еден век. Некои членови на популистичко-националистичката коалиција во Словачка повикаа на полабава заштита на мечките за да може да се регулира зголемениот број со лов.

Министерството за животна средина соопшти дека, заедно со Романија, ќе претстави предлог на следниот Совет на министри за животна средина на ЕУ, за прекласификација на мечките на списокот со заштитени видови, бидејќи нивниот број значи дека тие повеќе не се загрозени и дека можат селективно да се убиваат. Истражувачите, сепак, велат дека немало експлозија кај проценетата популација на мечки во Словачка, која, според нив, останува стабилна на околу 1.275.