Мета: Подготвен сум да заминам сам, доколку тоа е решение за кризата

102

Моето денешно обраќање е посветено за оние кои погрешно го читаат Уставот. Не можам да разберам зошто сакаат да ме разрешат. Доколку е тоа излез од кризата јас и претходно сум изјавил дека сум подготвен сам да се повлечам.

Вака албанскиот претседател Илир Мета го почна попладневното обраќање, нагласувајќи дека одлуката да ги одложи локалните избори бил неопходен чекор поради околностите од зголемување на тензиите и ескалација во граѓански конфликт, за што како претседател и Врховен командат имал информации.

-Републиката не е монопартизам, ниту земање во заложништво на институциите од страна на мнозинството, ниту делегитимизација од страна на опозицијата. Нула можности за одржување на избори во вакви услови. Ги уверувам граѓаните дека изборите ќе се одржат подоцна и во рок со почитување на духот на Уставот. Ги повикувам партиите сериозно да го прочитаат Уставот за да го искористат овој простор да изнајдат решене за вклучување на сите Албанци на изборите. Подготвен сум да донесувам важни одлуки во интерес на државата и уставниот дух. Ги повикувам партиите да ја разберат неопходноста од дијалог и изнаоѓање решенија, рече Мета, на кого за разлика од вчера, новинарите денеска можеа да поставуваат прашања.

Тој посочи дека во Албанија немало ниту ќе има избори без уредба на шефот на државата, а на новинарско прашање дали ќе свика лидерска средба за надминување на политичката криза, одговори со насмевка „доколку не ме разрешат“, што се разбра како потврда дека ќе го направи тоа.

На новинарско прашање дали е точно дека пред соопштување на одлуката за одложување на изборите се сретнал со премиерот Еди Рама, тој одговори потврдно.

-Имавме вечера во тајност, пред десет дена во Палатата на Бригадите кадешто разговаравме и тој многу добро знае колку сум загрижен за оваа ситуација и за нејзино надминување. До него беше да побара друг датум за избори. Затоа, Рама изјави дека не е изненаден од мојата одлука, истакна Мета.

Тој отфрли било каков конфликт на интреси што неговата сопруга Моника Круемади е лидерка на опозициското Социјалистичко движење за интеграција, како партија што дел од обединетата опозиција, која „профитира“ од оваа одлука, бидејќи опозицијата на протестите бараше одложување на изборите.

Според Мета, никој од лидерите на опозициските партии не знаел за неговата одлука за одложување на изборите.

-Врз мојата одлука не влијаеше ниту Баша, ниту Бериша. Одлуката не ја донесов за задоволување на барањата на опозицијата, не за задоволување на интересите на одредена група, туку напротив од позиција на претседател да ја зачувам стабилноста на земјата и да им се даде можност на двете страни да седнат на дијалог, одговори Мета на новинарско прашање.

Тој искажа целосна убедност дека политичката криза во земјата ќе биде надмината, велејќи дека „се уште постојат одговорни Албанци и Европејци. Затоа сум убеден“.