Мета: Не ме сакаат за претседател оние кои ги кршат правата на Албанците

38

Албанскиот претседател Илир Мета продолжува со пораки преку социјалните мрежи, зачестени по расправата во Уставниот суд околу одлуката за негово разрешување, донесена од парламентот во јуни минатата година.

Во една од неколкуте пораки  Мета наведува дека не го сакаат за претседател „оние кои ги кршат правата на Албанците, оние кои имаат за цел промена на границите на Косово и оние кои се за „Отворен Балкан“.“

Во друга порака Мета порачува дека „нема Бог да го спречи да реагира против неправдите, кршењето на Уставот и на уставните права на албанските граѓани“.

Тој уште еднаш јасно стави до знаење дека по завршувањето на мандатот ќе се врати во политиката. Мета пишува дека по 24 јули 2022 година ќе се заложи за враќање на темелите на Републиката.

-На албанскиот народ му треба лидерство. Пред сè по 24 јули 2022 година ќе се заложам за враќање на темелите на Републиката. Затоа, по 24 јули 2022 година ќе работам на враќање на темелите на Републиката, напиша Мета.

Уставниот суд ја заврши расправата на седми месецов и најави дека одлуката ќе ја соопшти во рок од 30 дена.

За претседател беше избран на 28 април 2017 година со 87 гласа, од 140 пратеници, колку што брои парламентот, со поддршка на Социјалистичката партија и Движењето за социјалистика интеграција, кое го предводеше самиот Мета. Мандатот кој трае пет години му завршува на 24 јули годинава а според Уставот редовната постапка за избор на нов претседател почнува во април.