Место шеталиште, на сервисната улица покрај кеј никнува паркиралиште, Спасовски нема полицајци што ќе казнуваат

104

Граѓаните кои се шетаат покрај кејот велат дека тие што паркираат најверојатно не се плашат дека ќе бидат казнети, а и ретко таму може да се видат позорникари од МВР. Слична е ситуацијата и низ градот. На некои булевари можат да се забележат паркирани возила на тротоарите и на велосипедските патеки, а некаде и третата, крајна лента, е претворена во паркинг. Зошто не се санкционираат непрописно паркираните возила, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се правда со недостаток на полицајци.

Сервисната улица покрај кејот на Вардар се повеќе станува бесплатно паркиралиште. Иако пред влезот во улицата, кај галијата, има предвидено подвижен заштитен столб кој треба да се спушта и да се подига и да овозможува влез само на возилата на Телеком и за дотур на стока, истиот подолго време е во функција, па таму се паркира кој ќе стигне.

Граѓаните кои се шетаат покрај кејот велат дека тие што паркираат најверојатно не се плашат дека ќе бидат казнети, а и ретко таму може да се видат позорникари од МВР. Слична е ситуацијата и низ градот. На некои булевари можат да се забележат паркирани возила на тротоарите и на велосипедските патеки, а некаде и третата, крајна лента, е окупирана со паркирани автомобили.

Зошто не се санкционираат непрописно паркираните возила, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се правда со недостаток на полицајци.

– Немаме доволно полицајци, па недостатокот го надополнуваме од други градови. А и недостасува соодветна дојава од граѓаните за непрописно паркирање. Мора да се подигне свеста бидејќи граѓаните треба да станат партнери на полицијата, рече Спасовски.

Според него, проблем се и недостатокотот на обележани паркинг места, но и лошо проектираните улици, особено во некои населби во централното градско подрачје.

– На секои 50 метри мора да имате полицаец за да почне да се решава хаосот во сообраќајот и во паркирањето. Факт е дека имаме недостаток на полициски службеници и дека не се доволно присутни во градот. Состојбата се подобрува, тоа го покажуваат и статистичките податоци и бројот на прекршоци. Безбедноста во сообраќајот не е работа само на една институција и затоа заеднички работиме на подобрување на состојбата – рече Спасовски.

За градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилеов, состојбата со сервисната улица покрај кејот е последица од волунтаристичкото и без план работење на претходното градско раководство.

– Таму требаше да се изгради подземна сообраќајница, но не се направи од претходното градско раководство иако земаа пари од Телеком. Сега ние немаме 3-4 милиони евра да ја изградиме, затоа заедно со Телеком и со угостителите работиме на идејно решение кое ќе ги задоволи потребите и желбите на сопствениците на рестораните. Очекувам идејното решение да го добиеме на крајот на март годинава, рече Шилегов.

Тој нагласи дека Град Скопје во текот на изминатата година успеа да постави заштитни столпчиња со кои било спречено паркирање на тротоари и на велосипедски патеки во вкупна должина од над 4.000 метри.

– Подигнато е и нивото на ефикасноста на работата на Пајак-службите, со што слободно можам да заклучам дека бележиме значително подобри резултати во борбата со несовесното паркирање, во што впрочем граѓаните можат и лично да се уверат, со свои очи. Очекуваме уште поголем ред по воведувањето на Комуналната полиција која во дел од своите надлежности ќе има можност и да изрекува казни за непрописно паркирање на тротоари, велосипедски и пешачки патеки, уништување на јавно зеленило и слично – истакна Шилегов.
(С.Бл.)