Меси откри зошто потпиша за ПСЖ

180

Како и што се очекуваше, на спектакуларен начин, само така и заслужува, аргентинскиот интернационалец, Лионел Меси, и официјално беше претставен како најнова милионска аквизиција на францускиот гигант ПСЖ.

Само два дена подоцна, откако и стави крај на 21-годишната авантура на „Ноу Камп“, Меси ја напушти Барселона и се упати кон Париз каде ги одработи задолжителните лекарски прегледи и стави потпис на понудениот 2-годишен договор кој му гарантира годишна плата од 35 мил. евра.

  • Со нетрпение го очекувам стартот на новото поглавие во мојата кариера тука во Париз. Клубот и неговата визија се во совршена хармонија со мојата амбиција. Добро знам колку талентирани фудбалери и каков стручен тим се дел од овој клуб. Одлучен сум да изградам, заедно со нив, нешто големо, нешто многу важно за клубот и за најверните фанови. Едвај чекам да стапнам на „Паркот на принцовите, изјави Меси за официјалниот сајт на ПСЖ.

Првиот човек на популарните „светци“, Насер Ал-Келаифи, не криеше дека е пресреќен поради реализираниот трансфер на сега веќе поранешниот капитен на каталонскиот гигант Барселона.

  • Јас сум пресреќен поради фактот дека Лионел Меси се одлучи да потпише за ПСЖ и ние со гордост му посакуваме добродојде во Париз на него и на неговата фамилија. Меси не криеше дека сака да продолжи да напредува на највисоко можно ниво и да продолжи со освојувањето на трофеите. Клучна беше и амбицијата на нашиот клуб, која е идентична со таа на Меси. Трансферот на Меси е уште еден доказ за нашата амбициозност. Заедно со останатите фудбалети, со нашиот одличен тренер и неговиот стручен тим, ние гледаме само напреден како создаваме историја за сите наши навивачи кои ги имаме во целиот свет, изјави претседателот на ПСЖ.

Во договорот на Меси има и две многу важни клаузули. Првата е дека постои опција за продолжување на соработката за уште една сезона, а втората е дека за Меси секогаш на прво место ќе биде репрезентацијата на Аргентина. Тоа значи дека 34-годишниот фудбалер секогаш ќе им дава предност на официјалните и на пријателските натпревари кои треба да ги игра за националниот тим.

Меси ќе нема никаква обврска да се врати во Париз веднаш по одигрувањето на натпреварите со репрезентацијата на Аргентина, а тоа значи дека е можно да пропушти неколку пријателски натпревари.

Француските медиуми се убедени дека последниот освојувач на „Златната топка“ на Франс Фудбал ќе дебитира во Лига 1 веќе овој викенд кога ПСЖ ќе го нагости тимот на Стразбур.