Меркел ќе лобира за Преспа во грчкиот парламент

56

Под силни безбедносни мерки, со закажани протести, но и забрана за собири, со средби со грчкиот државен врв и со главна тема на разговор Договор од Преспа, односно спорот со името и економските реформи, германската канцеларка Ангела Меркел пристигнува во посета на Атина. Во попладневните часови беше закажана средба со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, а утре ќе биде примена и од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Утре на пладне, во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, Меркел ќе оствари средба и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Претходно, ќе положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент.

Според дипломатски извори се очекува германската канцеларка да му даде поддршка на грчкиот премиер Алексис Ципрас пред ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот парламент но, и да испрати порака дека грчката економија е на патот кон закрепнување.

Всушност, посетата на германската канцеларка на Атина е во клучно време за поддршка на Ципрас, кој е под закана од распаѓање на неговата коалициска влада доколку во македонскиот парламент биде ратификуван договорот од Преспа за промена на името на Македонија.

Портпаролката на германската влада, Мартина Фиц, во петокот изјави дека не знае дали ќе се разговара за договорот за името, но истакна дека Берлин „го поздравува договорот и продолжува да се надева оти овој децениски спор ќе биде решен”.

Портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки, пред неколку дена рече дека Кирјакос Мицотакис на Меркел ќе и ја повтори позицијата на неговата партија во однос на Договорот од Преспа.

– Госпоѓата Меркел ги знае позициите на Нова Демократија за прашањето за Скопје и господинот Мицотакис ќе ги повтори овие позиции на средбата што ќе ја имаат: Нова Демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент во кој ќе има мнозинство. Мислам дека е јасно дека господинот Мицотакис она што го кажува јавно го кажува и на средбите, рече Спираки.

Посетата на Меркел на Атина е под драконски безбедносни мерки, со ангажирани над 2000 полицајци од сите служби на грчката полиција, хеликоптери, дронови. Паралелно анархистички групи и организации, левичарски вон парламентарни партии и Златна зора кои за синоќа закажаа одвоени протести, во различни делови на центарот на Атина против посетата на Меркел. Сите тие беа забранети од грчката полиција.

И германските медиуми оценија дека мисијата на Меркел во Атина се реализира во чувствителен период и дека на Ципрас му е потребна поддршка од Меркел, меѓу другото и за претстојното гласање во грчкиот парламент околу договорот со Македонија.

– Меркел за време на посетата на Атина ќе се заложи веројатно отворено за договорот (од Преспа, н.з.). Со тоа, меѓутоа, ќе се најде во дилема. На Меркел може да и биде сеедно поради можниот семеен судир со Неа Демократија (и ЦДУ на Меркел и Неа Демократија се дел од Европската народна партија, н.з.). Конечно прашањето на Македонија е геополитичко. Тука семејните чувствителности мора да се потиснат. Но, грчките конзервативци важат за фаворити на претстојните парламентарни избори. Во анкетите Неа Демократија води со 10 проценти пред левичарскиот сојуз на Ципрас, СИРИЗА. Опозицискиот шеф Мицотакис, со кого Меркел има средба во петок, би можел да седне на премиерската фотелја на Ципрас. Ваквата констелација ја прави посетата на Меркел ‘чувствителна мисија’ – таа сака да се изјасни ‘за’ договорот со Македонија, меѓутоа не смее да го избламира идниот премиер Мицотакис#, коментираше вчера „Франкфуртер Рундшау”.

Меркел доаѓа во официјална посета на Атина по пет години.