Меркел во Атина пред ратификацијата на преспанскиот договор

31

Германската канцеларка, Ангела Меркел, е во дводневна посета на Атина каде што е планирано да оствари средби со грчкиот државен врв, како и со претставници на опозицијата. Состанокот со грчкиот опозициски лидер, Киријакос Мицотакис, ќе се одржи во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, по што ќе следи прес-конференција.

Утре Меркел ќе положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот парламент, по што ќе има средба со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос. На агендата на германската канцеларка меѓу другите теми се економските реформи и спорот за името со Македонија.

Посетата на Меркел на Атина се поврзува со ратификацијата на договорот од Преспа. Според димплатски извори, се очекува таа да му даде поддршка на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, пред ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот парламент. Но, и да испрати порака дека грчката економија е на патот кон закрепнување.

Посетата на германската канцеларка, Ангела Меркел, на Атина е во клучно време за премиерот Алексис Ципрас, кој е под закана од распаѓање на неговата коалициска влада доколку во македонскиот парламент биде ратификуван договорот од Преспа за промена на името на Македонија.

Портпаролката на германската влада, Мартина Фиц, во петокот изјави дека не знае дали ќе се разговара за договорот за името, но истакна дека Берлин „го поздравува договорот и продолжува да се надева оти овој децениски спор ќе биде решен“.