Македонската претставничка Мери Акиевска, забележа голем успех на 75. Светско првенство во бодибилдинг и фитнес за мажи, жени, јуниори и сениори што се одржува во Шпанија.

Мери, која е член на Магнус Фитнес клубот од Скопје, во силна конкуренција, го освои златниот медал во својата категорија до 163 см висина кај јуниорите и сениорите, но успеа да стане и апсолутен победник и во двете категории, победувајќи ги шампионите од другите висински категории.

Мери стана светски јуниорски велнес-шампион, апсолутен шампион во јуниорска конкуренција, светски сениорски велнес-шампион и апсолутен шампион во сениорска конкуренција.

-Чувството не може да се опише со зборови, четири пати се слушна македонската химна, четири пати капеа солзи од среќа.  Македонија го освои светското злато во јуниорска и сениорска категорија, како и во две апсолутни категории.  Луѓе пресреќна сум, Ви благодарам на целосната поддршка и што бевте покрај мене. Сега можам да одморам и да си каснам и јас малку вкусна храна, годинава ја завршивме со многу златни медали благодарност на мојот тренер Бобан Ѓуровски, напиша Мери на друштвените мрежи.

Вториот македонски претставник на овој шампионат, Петар Богдановски, кој настапи во категоријата бодибилдинг јуниори над 75 кг не успеа да се пласира во финалето.

На ова натпреварување учествуваа 102 држави од целиот свет и повеќе од 1500 натпреварувачи. Претседателот на  македонската бодибилдинг федерацијата Бобан Ѓуровски, на овој шампионат имаше улога и на официјален судија и делегат.