Кошаркарката на евролигашот УСК Прага, Мерит Хемпе, ќе биде нов член на македонската репрезентација во продолжението од квалификациите за Евробаскетот 2023 откако доби македонско државјанство.
Таа ќе биде дел од нашата женска селекција за она што следува на крајот од ноември. Квалификациските натпревари од групата А се против селекциите на Белгија на гости и на Германија во Скопје.
Дваесет и осумгодишната Хемпе е родена во Фредериксбург, САД. Со своите 193 сантиметри, игра на крилната позиција. Во сезоната 2016-2017, потпиша за германски Кемниц, каде што на 22 натпревара дојде до просек од 18,2 поени и 8,6 скока за просечно одиграни по 31 минута на натпревар. Потоа следуваше преселбата во Казаночка од Казан, Русија, со 24 одиграни натпревари и просек од 9,2 поени и 3,3 скока.
Од 2018 година игра во Шпанија. Беше дел од екипата на АЕ Седис (просек од 11,4 поени и 4,6 скока), потоа и на Ман филтер, каде што забележа 12,1 поени и 7 скока. Се задржа една сезона, а во онаа, наредната потпиша договор со Енсино, каде што, исто така, имаше доста добри бројки во статистиката. Реализираше по 14,5 поени и 4,2 скока, што беше добра препорака да премине во Сарагоса.
Тука, новата Македонка се задржа најдолго, поточно до средината на октомври. Игрите во црвениот дрес ги заокружи со просечни 14,3 поени и 5,3 скока пред да прифати уште еден предизвик, сегашниот клуб УСК Прага.