Откажан скопскиот концерт на ексјугословенската музичка ѕвезда!
Скопскиот концерт на легендарната ексјугословенска поп и џез-пејачка, Бисера Велетанлиќ (сестра на пејачка Сенка и балдаза на Зафир Хаџиманов), кој требаше да се одржи сега, в недела, на 17 ноември, во Македонската филхармонија – се откажува. Организаторот, „Авалон продукција“, информира дека е тоа поради здравствени причини на Бисера. Станува збор за нејзина посериозна настинка.
– Бисера не е во можност да настапи на концертот оваа недела, па останува да го презакажеме за некои посончеви и потопли денови, таму напролет – велат „Aвалонци“.
Штета што ќе мора да се стрпиме до пролет. Многу луѓе од Скопје, а и од Македонија, сè уште ја обожаваат Бисера, која и понатаму важи за бисерно грло на естрадата. Воедно, таа е една од ретко духовитите личности, кoja со своите досетки на сцената знаe да ги насмее присутните. Неуморната Бисера ги има испеано незаборавните хитови, кои станаа евергрини: „Мило моје никад више“, „Ти си човек мој“, „Адио, љубави, адио“, омилената македонска – „Да си мерак песна“ од „Макфест“ и најомилената кај публиката – „Златни дан“.
На скопскиот концерт, пејачката требаше да биде придружувана од Васил Хаџиманов (инаку син на легендарниот Зафир) со неговиот „Трио бенд“. Парите за влезниците купени онлајн или на продажните места, ќе бидат рефундирани. Д.М.