АД МЕПСО ги прекинува сите видови донации и спонзорства до крајот на оваа година. Одлуката била донесена едногласно, на седница на Управниот одбор на АД МЕПСО, предводен од генералниот директор Бурим Љатифи. Заеднички заклучок е дека треба да се стопираат трошоците и издатоците по оваа основа до следната 2025 година, кога ќе продолжи и понатаму да функционира овој процес, но на транспарентен начин и со детално почитување на критериумите предвидени за оваа намена.

Според соопштението од АД МЕПСО, Управниот одбор се одлучил на ваков чекор по анализата на долгата листа со донации и спонзорства и паричните средства што биле доделени од почетокот на годината, сè до доаѓањето на новото раководство.

– Сеопфатниот преглед на нашите служби покажа дека во првите седум месеци од 2024 година, претходното раководство на Друштвото, кое наводно работело согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, ја пречекорило финансиската програма за оваа година за речиси 10 милиони денари – велат од АД МЕПСО.

За новиот менаџерски тим, како што нагласуваат, единствен приоритет останува вложувањето исклучиво во продуктивни инвестиции, кои се во насока на градење и управување на стабилен и доверлив електропреносен систем отчетно и на најтранспарентен начин.