Зајакнување на комуникацијата и на соработката од областа на макроекономските движења и на макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали што се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани.
Ова се придобивките што се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, кој го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев.
Координацијата помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е од суштинско значење за постигнување долгорочна макроекономска стабилност. Фискалниот совет го следи спроведувањето на фискалните политики и фискалната одржливост, додека централната банка е засегната од влијанието на фискалните политики врз ценовната и врз финансиската стабилност. На средбата беше нагласена улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на институциите, како важни фактори што придонесуваат за успешно остварување на целите.
– Поголемата независност на централните банки во периодот на неколку последователни кризи се поврзува и со преземените мерки за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека целта на двете институции е, преку независни стручни мислења, да придонесат кон обезбедувањето макроекономска стабилност.
На средбата беше истакнато дека споделувањето информации и анализи помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е предност при донесувањето одлуки засновани на податоци и факти, кои придонесуваат за подобро согледување на целокупниот економски амбиент во земјава заради остварување повисок економски раст.