Изборот на републиканецот Доналд Трамп за претседател на САД повторно ја врати во центарот на вниманието неговата сопруга, Меланија Трамп.
Таа по вторпат е прва дама на САД, но постои видео од пред три децении на кое е претседателка!
Сепак, тоа е само словенечка реклама од 1993 година, во која тогашната манекенка Меланија Кнавс, сега Трамп, глуми претседателка. На ова видео кое сега, по победата на нејзиниот сопруг, на претседателските избори повторно е актуелно и кружи по социјалните мрежи, таа излегува од авион и ја поздравува делегацијата, а потоа во придружба на обезбедувањето влегува во автомобил и ја поправа шминката, подготвувајќи се за инаугурацијата. На крајот од видеото, таа со широка насмевка на лицето, се заколнува како претседател.
„Можеби треба да се кандидира за претседател“, пишува покрај виралното видео, кое наиде на бројни коментари. „Не стана претседателка на Словенија, но постигна нешто подобро“, , „Убава е“ и „Можеш, Меланија!“ коментираат луѓето кои го гледале видеото. Има и објаснување зашто таа не може да биде претседателка на САД: „Треба да сте родени во САД за да се кандидирате за претседател“.
Патот на Меланија до Белата куќа почнува од малото гратче Севница, во Словенија, сега независна држава, членка на Европската Унија, а во времето кога таа живеела таму, една од републиките на поранешна Југославија. Во гратчето кое се наоѓа на еден час возење од Љубљана, татко ѝ Виктор бил продавач на автомобили, а мајка ѝ Амалија работела како дизајнерка на облека. Таму Меланија израснала со помладата сестра Инес, а по завршувањето на основното училиште се преселиле во Љубљана, каде што подоцна студирала индустриски дизајн и архитектура.
На 16 години таа почнала да се занимава со манекенство, а набрзо кариерата ѝ тргнала нагоре и се преселила во Италија, па во Париз, а потоа во САД. Во манекенската кариера се појавила во многу рекламни кампањи и работела за некои од најдобрите фотографи во модната индустрија. Во Њујорк се преселила во 1996 година, на 26 години, а две години подоцна во популарен клуб на Менхетен го запознала Доналд Трамп, за кого се омажила на 22 јануари 2005 година. Една година подоцна го родила единственото нивно заедничко дете, синот Барон. Десет години по преселбата во САД, станала американска државјанка.
Кога Трамп беше претседател на САД, од 2016 до 2020 година, нивниот однос беше постојано преиспитуван, откако камерите ја фатија намуртена на неговата инаугурација. Сега, кога повторно е избран за американски претседател, Трамп меѓу првите ѝ се заблагодари на Меланија.
Градоначалникот на нејзината родна Севница, Среќко Оцвирк, пак, вели дека е горд на тоа што Меланија повторно е прва дама и на тоа што нејзиниот син Барон зборува словенечки. На прослава на општински празник тој рекол дека Севница веќе станала позната по неа, а нејзиниот успех покажува дека секој од кој било дел на светот може да постигне големи работи ако е активен.