Земјите од Западен Балкан кои стагнираат со реформи, не напредуваат на патот кон ЕУ и не ја усогласуваат својата надворешна и безбедносна политика со политиката на ЕУ, нема да можат да добијат пари од новиот Фонд за реформи и раст на Западен Балкан, изјави европарламентарецот и претседател на Одборот за надворешни работи Дејвид Мекалистер на заедничката седница на Комисијата за надворешни работи и Комисијата за буџет на Европскиот парламент, на која Европската комисија го презентираше предлогот за регулатива за формирање на тој Фонд во износ од шест милијарди евра во периодот од 2024 година до 2027 година.
Според предлогот на ЕК, станува збор за две милијарди неповратна помош и четири милијарди заеми, наменети за реформа на политичките, правните и економските системи, со цел да се намали разликата меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, како и да се поддржи процесот на приклучување на тие земји во ЕУ.
Герт Јан Копман од ЕК рече дека конвергенцијата на Западен Балкан во однос на бруто-домашниот производ по глава на жител изразена во стандардите на куповната моќ останува ниска и изнесува околу 30 отсто од просекот на Унијата и не напредува доволно брзо, а затоа е неопходно да им се помогне на реформските процеси на идните членки на ЕУ.