Лекари, медицински сестри, возач на итна помош се меѓу 47. лица обвинети дека предизвикале смрт на 12 новороденчиња како последица на инфекции во нехигиенски услови на интензивна нега, во рамки на шема за измама на турскиот систем за социјално осигурување. Од нив 22 се во притвор, а како што јави турската телевизија НТВ, случајот се води во судот во областа Бакаркој во Истанбул.
Со обвинението, испишано на 1.399 страници, обвинетите се товарат дека бебињата ги префрлувале во 19 приватни болници, каде што биле подложени на понекогаш непотребни третмани на интензивна нега. Најмалку 10 новороденчиња умреле во изминатата година поради занемарување или несовесност во установите кои не биле подготвени да ги лекуваат.
Тужителите велат дека обвинетите, исто така, фалсификувале извештаи за да прикажат дека состојбата на бебињата изгледа посериозно со цел да добијат исплата од институцијата за социјално осигурување.
Главните обвинети, како што пренесува агенцијата Бета, негирале каква било неправда, инсистирајќи дека ги донеле најдобрите можни одлуки и рекле дека се соочуваат со казна за неизбежни несакани исходи.
Случајот, кој стана јавен минатиот месец, го предизвика бесот на јавноста која повикува на засилен надзор над здравствениот систем. Властите оттогаш ги одземаа дозволите и затворија девет од 19 болници кои биле вмешани во скандалот.
Д-р Фират Сари, главниот обвинет кој управувал со неонаталните единици на интензивна нега, во неколку приватни болници во Истанбул, се соочува со казна до 583 години затвор. Тој се товари дека основал организација со цел да го изврши кривичното дело – измама на јавните институции, фалсификување на службени исправи и убиство од небрежност.
Десетина демонстранти вчера протестираа пред зградата на судот, извикувајќи „Убијците на бебиња ќе одговараат. Приватните болници треба да се затворат “. Овие протести беа причина судењето да почне подоцна од предвидениот термин.
Повеќе од 350 семејства поднесоа петиции до обвинителите или другите државни институции барајќи истраги за смртта на нивните најмили, пренесоа државните медиуми.
Случајот доведе и до повик за оставка на министерот за здравство, Кемал Мемисоглу, кој беше истанбулски покраински здравствен инспектор во време на некои од смртните случаи.